МЕПСО аплицира за PECI статус за 400 kV интерконекциски коридор кон Косово

АД МЕПСО поднесе апликација за добивање статус PECI (Проект од интерес за Енергетската заедница) за проектот „400 kV интерконекциски коридор Исток – Запад, Западна секција“, кој е оценет како инфраструктурен зафат со значајно регионално и стратешко значење.

Проектот предвидува изградба на нов 400 kV далекувод од Тетово до Призрен, со што ќе се воспостави нова директна електроенергетска врска меѓу Северна Македонија и електроенергетскиот систем на Косово. Коридорот Скопје – Тетово – Охрид, со прекугранична врска кон Призрен, треба значително да ја зајакне преносната мрежа во западниот дел на земјата. Вкупната должина на западната секција е околу 255 километри.

Клучен дел од проектот е изградбата на нова трансформаторска станица 400/110 kV во Тетово, како и можност за изградба на дополнителна трансформаторска станица 400/110 kV во Осломеј. Со тоа ќе се овозможи подобра интеграција на постојните и планираните производствени капацитети, вклучително и обновливите извори на енергија, како и поголема оперативна флексибилност на системот.

РЕКЛАМА

Проектот има изразена регионална димензија и се надоврзува на веќе одобрениот PECI проект за надградба на електроенергетскиот коридор Косово – Албанија, на делницата Призрен – Фиерза, на 400 kV.

PECI проектите претставуваат приоритетни инфраструктурни зафати во секторите електрична енергија и гас, кои имаат значително влијание врз повеќе земји членки на Енергетска заедница. Доделувањето на ваков статус овозможува подобра институционална координација меѓу државите учеснички, побрза подготовка и реализација на проектите, како и полесен пристап до меѓународни финансиски инструменти, техничка помош и поддршка од финансиски институции.

Според МЕПСО, реализацијата на проектот ќе придонесе за поголема сигурност и стабилност на електроенергетскиот систем, подобра интеграција на регионалните пазари, намалување на мрежните ограничувања и создавање услови за одржлив развој на енергетскиот сектор во земјата и регионот.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *