ЕК предлага пакет мерки за поевтина енергија за граѓаните

Брисел. 11 март 2026 година – Европската комисија во текот на вчерашниот ден претстави нов пакет мерки наречен „енергетски пакет за граѓаните“, со кој се предлагаат чекори за намалување на сметките за електрична енергија и поголема улога на граѓаните во производството на енергија.

Една од клучните препораки е даноците на електричната енергија да се намалат на најниско можно ниво со цел да се намалат трошоците за домаќинствата и да се поттикне електрификацијата. Од Европската комисија посочуваат дека постојното европско законодавство веќе им овозможува на земјите членки да ја намалат стапката на данокот на додадена вредност и акцизите за електрична енергија до минимално ниво.

Важен дел од сметките за струја се и мрежните тарифи, односно надоместоците за користење на електроенергетската мрежа. Според Комисијата, развојот на таканаречените енергетски заедници може значително да помогне во намалување на овие трошоци. Во рамките на ваквите заедници, граѓаните можат сами да произведуваат електрична енергија, најчесто од обновливи извори, и да ја користат или да ја споделуваат со соседите.

РЕКЛАМА

Брисел смета дека со зголемување на бројот на вакви заедници ќе се намали оптоварувањето на електричната мрежа и потребата од големи инвестиции во нејзино проширување. Затоа националните регулатори треба да воведат стимули за потрошувачите чие однесување придонесува за намалување на потребата од нова инфраструктура и со тоа да се избегнат високи мрежни тарифи.

Европската комисија планира дополнително да го засили развојот на енергетските заедници, со цел до 2030 година нивниот капацитет за производство на обновлива енергија да се зголеми десеткратно.

Во пакетот се предлагаат и нови модели за финансирање на инвестиции во електрификација на греењето и подобрување на енергетската ефикасност. Наместо класични субвенции, Комисијата предлага развој на иновативни финансиски механизми, како што е отплата на инвестицијата преку заштедите што ќе се остварат со намалена потрошувачка на енергија.

Дополнително, Брисел бара од земјите членки да ја зголемат информираноста на граѓаните за можноста за промена на снабдувачот со електрична енергија. Според проценките на Европската комисија, граѓаните во Европската унија губат во просек по околу 152 евра годишно затоа што не го менуваат снабдувачот.

Поради тоа, Комисијата предлага снабдувачите најмалку еднаш годишно да ги информираат своите клиенти за најповолниот тарифен пакет врз основа на нивниот профил на потрошувачка. Целта на овие мерки е да се зголеми конкуренцијата на пазарот и да се намалат трошоците за електрична енергија за европските домаќинства.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил