Премиерот вели дека Македонија има најниски цени на горивата во регионот, што предизвикува зголемена побарувачка од соседните земји
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека во државата има доволно количини на нафта и нафтени деривати и дека во моментов не постои опасност од недостиг на гориво, иако се очекува зголемен притисок во наредниот период.
„Очекуваме притисок во периодот што следи, но имаме доволно количини. Разговараме со дистрибутерите и со компаниите кои ги снабдуваат граѓаните и македонската економија со нафта и нафтени деривати и во моментот нема опасност од било каков недостаток“, изјави Мицкоски.
Премиерот денеска изврши увид во изградбата на пречистителната станица во населбата Кучевишка Бара во Општина Чучер Сандево, проект вреден 129.717.440 денари. По посетата, тој одговараше на новинарски прашања и за актуелните движења на цените на горивата.
Мицкоски посочи дека Македонија во моментов има убедливо најниска цена на горивата во регионот, што создава дополнителен притисок, особено во пограничните општини.
„Факт е дека како држава имаме убедливо најниска цена на нафтата. Тоа од една страна е позитивно, но од друга страна создава притисок на бензинските пумпи во пограничните места, бидејќи голем број граѓани од соседството доаѓаат да точат дизел гориво. Поради тоа на некои бензински пумпи може привремено да снема гориво, но тие количини брзо се надоместуваат“, нагласи премиерот.
Тој додаде дека Државниот пазарен инспекторат е постојано на терен и ја следи состојбата, при што нема прекини во снабдувањето.
Според премиерот, по последното нивелирање на цените од страна на Регулаторната комисија за енергетика, дизелот во Македонија изнесува околу 1,39 евра за литар. За споредба, во Албанија цената е околу 1,73 евра, односно приближно 30% повисока. Во Србија дизелот чини околу 1,73 евра, што е околу 25% повеќе, додека во Косово цената достигнува до 1,52 евра за литар.
Мицкоски истакна дека Македонија има најниска цена на дизелот во регионот, а слична е состојбата и со бензинот од 95 и 98 октани.
„Очекуваме притисок и во наредниот период, но повторувам – има доволно количини и нема опасност од недостиг“, порача премиерот.
Енергетика 24
