РКЕ: Од полноќ, цените на горивата во Македонија повисоки во просек за 14,27%

Скопје. 9 март 2026 година – Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за значително зголемување на цените на нафтените деривати, при што малопродажните цени во просек растат за 14,27% во однос на претходната одлука од 2 март.

Одлуката ќе стапи на сила од 10 март 2026 година од 00:01 часот, кога ќе почнат да важат новите максимални цени на горивата.

Според одлуката на Регулаторната комисија, новите максимални цени ќе изнесуваат:

РЕКЛАМА

  • Еуросупер БС-95: 79,50 денари за литар
  • Еуросупер БС-98: 81,50 денари за литар
  • Еуродизел БС (Д-Е V): 85,50 денари за литар
  • Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 82,50 денари за литар
  • Мазут М-1 НС: 42,586 денари за килограм

Со новата пресметка, цените на бензините се зголемуваат за 5 денари по литар, додека дизелот бележи значително поголем раст од 14,50 денари по литар. Цената на екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 12,50 денари по литар, а мазутот поскапува за 7,044 денари по килограм.

Од Регулаторната комисија информираат дека во пресметката на новите цени е земено предвид значителното зголемување на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во однос на претходната пресметка, бензините поскапеле во просек за 13,38%, дизелот за 36,13%, екстра лесното масло за 32,10%, додека цената на мазутот е повисока за 27,87%.

Дополнително влијание врз пресметката има и движењето на девизниот курс, при што курсот на денарот во однос на американскиот долар во овој период е повисок за 0,94%.

Од РКЕ напоменуваат дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени, што значи дека трговците на големо и мало со нафтени деривати можат да ги формираат цените и пониско од утврдените.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил