Нема потреба од паника: Снабдувањето со горива е стабилно, институциите подготвени да реагираат

Снабдувањето со нафтени деривати во државата е стабилно и во моментов нема потреба од загриженост, порачаa Владата и Министерството за енергетика по серијата состаноци и анализи поврзани со состојбите на глобалните енергетски пазари.

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека на средба со претставници на нафтената индустрија на која присутствуваше и министерката за енергетика, Сања Божиновска било констатирано дека на домашниот пазар има доволно гориво и дека потребите на граѓаните и стопанството се целосно задоволени. Според него, и покрај актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток, состојбата во земјата е под контрола и институциите внимателно ја следат динамиката на светските пазари.

„Нема простор за загриженост. Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат. Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата и ќе реагираме во зависност од реалните потреби“, изјави Мицкоски.

РЕКЛАМА

Владата, како превентивна мерка, веќе разгледува можни механизми за ублажување на евентуални ценовни шокови доколку на меѓународните пазари дојде до значително поскапување на нафтата. Една од опциите е привремена интервенција во акцизите и други фискални давачки што се вклучени во цената на горивата, со цел да се намали притисокот врз граѓаните и домашната економија.

Во меѓувреме, и регулаторните институции преземаат чекори за дополнително стабилизирање на пазарот. Регулаторната комисија за енергетика донесе измени на правилникот за формирање на највисоките малопродажни цени на горивата, со цел поголема предвидливост и стабилност во услови на ценовни осцилации на светските берзи. Како и досега, одлуките за цените ќе се носат на редовни седници секој понеделник, врз основа на повеќе параметри, берзанските цени на дериватите, транспортните трошоци, трговската маржа и законските давачки.

Дополнителна сигурност даваат и државните нафтени резерви, кои според Министерството за енергетика се стабилни и обезбедуваат сигурност на снабдувањето. Државата располага со значителни количини на деривати, меѓу кои над 138 милиони литри еуродизел и повеќе од 32 милиони литри еуросупер БС-95, што претставува стратешка гаранција во случај на евентуални нарушувања на увозот.

Институциите нагласуваат дека резервите се дел од системот на енергетска безбедност и се користат само во услови на енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето. Дополнително, земјата има обезбедено алтернативни транспортни канали, меѓу кои и продуктоводот Солун–Скопје, што овозможува стабилен доток на нафтени деривати.

Надлежните институции оценуваат дека, и покрај нестабилноста на глобалните пазари поради конфликтот на Блискиот Исток, домашниот пазар на горива е стабилен. Владата и регулаторните тела остануваат во постојан мониторинг на состојбите, со цел навремено да реагираат и да спречат неконтролирано зголемување на цените, заштитувајќи го стандардот на граѓаните и стабилноста на економијата.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *