Штип. 5 март 2026 – Владата размислува за можни мерки за ублажување на ценовните шокови доколку на светските пазари дојде до нагло поскапување на нафтата. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека една од опциите е интервенција во акцизите и даночните давачки со цел да се намали притисокот врз граѓаните и домашната економија.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на фабриката Актива во Штип, Мицкоски посочи дека конфликтот на Блискиот Исток веќе создава нестабилност на глобалните енергетски пазари и може да се одрази врз цената на енергенсите, особено на нафтата. Според него, иако земјата во моментов нема директни безбедносни ризици, економските ефекти од кризата може да се почувствуваат доколку продолжат турбуленциите на берзите.
„Можно е со текот на времето да се соочиме со одредени економски предизвици, односно со притисок врз цената на енергенсите. Ако дојде до значително зголемување на цената на нафтата, ќе разговараме со Министерството за финансии за мерки кои би го ублажиле ударот врз стандардот на граѓаните“, изјави премиерот.
Една од опциите што се разгледуваат е привремено намалување на акцизите или други фискални зафаќања што се вградени во цената на горивата. Со ваков пристап државата би се обидела да го амортизира ефектот од евентуалниот ценовен скок на меѓународните пазари.
Според Мицкоски, најголем ризик во моментот постои во нафтениот сектор, додека зависноста на земјата од природен гас е релативно ограничена. Дополнително, со завршувањето на грејната сезона се очекува и намалување на потрошувачката на гас во индустријата и домаќинствата.
Тој нагласи дека институциите ја следат состојбата и се подготвени навремено да реагираат доколку глобалните движења доведат до значителен раст на цените на енергенсите. Целта, како што посочи, е да се обезбеди стабилност на пазарот и да се заштити куповната моќ на граѓаните.
Премиерот додаде дека по одржаниот Совет за безбедност е оценето дека општата безбедносна состојба во земјата останува стабилна. Сепак, институциите внимателно ги следат геополитичките случувања и нивните потенцијални економски последици.
Енергетика 24
