Цените на нафтата повторно нагло пораснаа во текот на денешниот ден, зголемувајќи се за повеќе од 3%, во услови на продлабочување на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран и растечки стравувања од долготрајни нарушувања во снабдувањето од Блискиот Исток.
Северноморската нафта „Брент“ поскапе за 2,44 долари или 3% и достигна 83,84 долари за барел, што е петти последователен ден на раст. Американската нафта WTI се зголеми за 2,44 долари, односно 3,27%, на 77,10 долари за барел.
Пазарите остануваат под силен притисок поради ризиците за снабдувањето, особено околу транспортот низ Ормускиот Теснец, клучна артерија преку која се транспортира околу една петтина од светската нафта и течен природен гас.
Ескалацијата следува откако Иран изврши нов бран ракетни напади врз Израел, додека во Вашингтон беше блокирана иницијативата за запирање на американските воздушни напади. Претходно, американска подморница потопи ирански воен брод во близина на Шри Ланка, а НАТО пресретна и уништи иранска балистичка ракета насочена кон Турција.
Иранските сили нападнале нафтени танкери во и околу Ормускиот Теснец, а експлозии се пријавени и во близина на танкер кај Кувајт. Поради безбедносната состојба, сообраќајот низ теснецот останува во застој.
Според податоци од платформата за следење бродови MarineTraffic, најмалку 200 бродови, меѓу кои нафтени и гасни танкери, се закотвени во меѓународни води крај Ирак, Саудиска Арабија и Катар, додека стотици други не можат да пристапат до пристаништата.
Ирак го намалил производството за речиси 1,5 милиони барели дневно поради ограничени складишни и извозни капацитети. Катар прогласи виша сила за извозот на гас, а враќањето на нормалното производство може да потрае најмалку еден месец.
Трговците оценуваат дека брзо смирување на кризата е малку веројатно, што дополнително ги засилува очекувањата за нови поскапувања на енергенсите на глобалните пазари.
Извор: Ројтерс
