Цените на нафтата нагло пораснаа по американско-израелските напади врз Иран, а натамошното движење ќе зависи од обемот и времетраењето на евентуалните прекини во транспортот преку Ормускиот Теснец, предупредува инвестициската банка Голдман Сакс.
Според анализата на банката, трговците во моментов вклучуваат премија од околу 14 долари по барел поради зголемениот ризик од нарушувања во снабдувањето (заклучно со 3 март). Оваа премија соодветствува на сценарио со целосен едномесечен прекин на протокот низ теснецот, со делумна компензација преку резервни нафтоводи.
Доколку 50% од протокот бидат запрени во период од еден месец, ефектот врз цената би се намалил на околу 4 долари по барел. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека цените може дополнително да скокнат доколку пазарот процени дека ризикот од подолготрајни прекини е висок.
Референтната европска нафта Brent во понеделникот затвори на 77 долари за барел, во споредба со 72 долари во петокот и 61 долар на крајот од минатата година.
Можни сценарија за раст на цената на нафтата
Од Goldman Sachs Research проценуваат дека, зависно од сценариото, цената на нафтата би можела да порасне меѓу 1 и 15 долари по барел:
- 15 долари при целосно едномесечно затворање без компензациски мерки;
- 12 долари ако се искористи целосниот резервен нафтоводен капацитет од околу 4 милиони барели дневно;
- 10 долари при искористување на резервните капацитети и ослободување на стратешките резерви со темпо од 2 милиони барели дневно;
- 4 долари при делумно (50%) едномесечно затворање;
- 1 долар при ограничување од 25%.
Историските искуства покажуваат дека ценовните шокови предизвикани од геополитички тензии често се краткотрајни. Во 2022 година, цената на нафтата ја надмина проценетата „фер“ вредност за речиси 20 долари. Слично, годинава цената на Brent се искачи од околу 65 долари на почетокот на јуни на над 80 долари по нападите врз иранските нуклеарни објекти, но потоа брзо се стабилизираше кога пазарот процени дека нема реален прекин на испораките.
Ризици за глобалното снабдување
Иран во 2025 година произведувал околу 3,5 милиони барели сурова нафта дневно и дополнителни 0,8 милиони барели кондензат, што претставува околу 4 отсто од глобалната понуда. Извозот изнесувал 1,7 милиони барели сурова нафта и кондензат дневно, 0,6 милиони барели рафинирани производи и 0,4 милиони барели течни нафтени гасови.
Преку Ормускиот Теснец минуваат речиси 20 милиони барели нафта дневно, од кои околу 16 милиони би биле изложени на ризик во случај на целосно затворање, имајќи предвид дека дел од количините може да се пренасочат преку постојните нафтоводи.
Потенцијален удар врз цените на гасот
Конфликтот носи ризик и за европскиот пазар на природен гас. Според проценките, прекин на околу 80 милиони тони течен природен гас (ЛНГ) годишно, што претставува 19% од глобалната понуда и вообичаено транзитира низ Ормускиот Теснец, би можел значително да ги зголеми цените.
Во сценарио со целосен едномесечен прекин на ЛНГ испораките, холандскиот гасен индекс TTF би можел да достигне 74 евра за мегават-час. Подолготраен прекин од повеќе од два месеци би можел да ги зголеми цените над 100 евра за мегават-час. За споредба, во петокот TTF се тргуваше по околу 31,6 евра за мегават-час.
Извор: GoldmanSachs.com
