Над 9 милиони евра нето-добивка за ОКТА во 2025 година

Скопје, 3 март 2026 – ОКТА ја заврши 2025 година со значително подобрена профитабилност и задржана доминантна позиција на пазарот, и покрај намалените приходи во услови на нестабилен глобален енергетски амбиент. Нето-добивката на компанијата порасна за 164% и достигна над 9,3 милиони евра, додека пазарниот удел останува стабилен, 67% на македонскиот и 29% на косовскиот пазар.

Вкупните приходи од продажба на годишно ниво изнесуваат 625,9 милиони евра, што е за 13% помалку во однос на 2024 година. Намалувањето, како што информираат од компанијата, главно се должи на пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз, во услови на геополитичка неизвесност и променливи трговски рути. Од домашниот пазар се остварени 451,9 милиони евра, а од странските 173,9 милиони евра, при што продажбата на одделни видови горива бележи пад од 9 до 22%. Сепак, во последниот квартал од годината приходите достигнале 165,5 милиони евра, што претставува раст од 5% споредено со истиот период лани, што упатува на постепено стабилизирање на пазарната динамика.

И покрај притисоците врз приходната страна, компанијата успеала да ја зголеми бруто-добивката на 21,5 милиони евра, во споредба со 19 милиони евра во 2024 година. Растот е поддржан од зголемената домашна продажба, повисоките испораки кон Државните резерви и засиленото тргување со електрична енергија. ЕБИТДА за целата 2025 година достигна 10,6 милиони евра, што е зголемување од 30 проценти на годишно ниво, иако во четвртиот квартал бележи пад од 16% во однос на истиот период претходната година. Најизразен раст има кај добивката пред оданочување, која на годишно ниво достигна 10,8 милиони евра, што е зголемување од 180%, додека во последниот квартал изнесува 2,9 милиони евра, повеќе од двојно повеќе од минатата година.

РЕКЛАМА

Од компанијата посочуваат дека резултатите се постигнати во услови на нови регулаторни прилагодувања во земјата, вклучително и воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година, како и во амбиент на силна конкуренција на домашниот и извозниот пазар. Во такви околности, ОКТА ја задржала водечката позиција во големопродажбата, со фокус на дисциплинирано комерцијално работење, внимателно управување со маржите и реализација на стратешки иницијативи. Компанијата најавува дека и натаму ќе се насочува кон оптимално користење на продуктоводот Солун–Скопје и складишната инфраструктура, со цел обезбедување стабилност и долгорочна сигурност во снабдувањето.

Извор: Okta-elpe.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил