Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје го направи Регистарот на гаранции за потекло на електрична енергија достапен и на македонски јазик, со што се олеснува користењето на системот за домашните учесници на пазарот.
Од април 2025 година, кога операторот го воспостави Регистарот во соработка со Grexel, издадени се повеќе од 190 илјади гаранции за потекло за 20 компании. Со овие гаранции се потврдува дека електричната енергија што ја користат е произведена од обновливи извори.
Од МЕМО информираат дека расте бројот на компании кои се приклучуваат кон системот, што се оценува како значаен чекор кон развој на транспарентен и современ енергетски пазар во земјата. Преку Регистарот се обезбедува усогласеност со националните и европските регулативи, како и сигурна и стандардизирана постапка за издавање, пренос и активирање на гаранциите.
„Континуираното зголемување на бројот на издадени гаранции и интересот од компаниите ја потврдуваат важноста на овој механизам за развојот на зелениот пазар на електрична енергија. Нашата цел е транспарентен, сигурен и европски усогласен систем што ќе им помогне на компаниите во исполнување на нивните цели за одржливост“, изјави Денко Рафајловски, раководител на службата за обновливи извори на енергија.
Со воспоставувањето и унапредувањето на Регистарот се зајакнува довербата во потеклото на електричната енергија од обновливи извори и се дава поддршка на компаниите во процесот на зелена транзиција.
Извор: МЕМО
