Енергетска заедница: Правните ризици од прекинот на увозот на руски гас

Одлуката на Европската Унија целосно да го запре увозот на руски гас до 2027 година отвора сериозни правни, економски и политички прашања. Во интервју по повод претстојниот Виенски форум за европско енергетско право, претставници на Секретаријатот на Енергетската заедница и адвокатската компанија Kinstellar предупредуваат дека транзицијата ќе биде проследена со комплексни договорни спорови и регулаторни дилеми.

Олена Кучинска истакнува дека забраната има јасна политичка цел, ограничување на приходите на Русија и поддршка за Украина, но и пошироко геополитичко значење. „Ова е порака дека Европа е подготвена да носи тешки одлуки во услови на променет меѓународен поредок“, нагласува таа.

Според Мари-Терезе Рихтер-Кунерт, заменик-директор и раководител на правната служба во Секретаријатот на Енергетската заедница, моментот е клучен. Процесот на диверзификација започна веднаш по руската инвазија врз Украина, а целосната и правно обврзувачка забрана претставува логичен следен чекор. Сепак, таа предупредува дека некои држави сè уште увезуваат руски гас, што отвора прашања за спроведувањето на регулативата.

РЕКЛАМА

Еден од најголемите предизвици се постојните договори за снабдување. Иако нови договори не смеат да се склучуваат, старите остануваат формално во сила. Дел од нив содржат клаузули со кои купувачот е должен да плати договорена количина гас, без оглед дали ќе ја преземе. „Се создава ситуација во која договорот постои, но неговото извршување е забрането со закон. Тоа неминовно ќе доведе до спорови“, вели РихтерКунерт.

Дополнително, новите правила предвидуваат различен третман на договорите во зависност од тоа кога се склучени и дали биле изменувани. Дел од нив ќе престанат да важат уште од март годинава, а други во 2027 година. Во меѓувреме, снабдувачите ќе мора да обезбедуваат детални докази за потеклото на гасот.

Во интервјуто се осврнуваат и на можноста за исклучоци во вонредни ситуации. Таквите мерки би биле привремени и строго ограничени, наменети исклучиво за случаи кога е загрозена сигурноста на снабдувањето.

Правната неизвесност дополнително се зголемува поради тоа што Унгарија ја оспори забраната пред Европскиот суд на правдата, а се очекува и Словачка да поднесе тужба. Сепак, самото поведување постапка не ја запира примената на регулативата, освен ако Судот не донесе привремена мерка.

Соговорничките оценуваат дека постапките може да траат подолго време, додека во пракса веќе ќе се случуваат договорни и инфраструктурни прилагодувања. Дури и во случај на утврдени пропусти, не е извесно дека мерката би била целосно поништена, со цел да се избегне дополнителна несигурност на пазарот.

Интервјуто јасно укажува дека прекинот на увозот на руски гас не е само политичка одлука, туку и сериозен правен предизвик што ќе има долгорочни последици врз европскиот енергетски систем.

Извор: Energy-community.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил