Една година од Акцискиот план на ЕУ за достапна енергија: напредок среде ценовни турбуленции

Една година по објавувањето на Акцискиот план за достапна енергија, Европската комисија оценува дека и покрај континуираните притисоци врз цените, се реализирани значајни чекори за стабилизирање на енергетскиот пазар и намалување на сметките за граѓаните и компаниите.

Иако во 2025 година големопродажните цени на енергијата останаа под влијание на глобалните модели на снабдување, временските аномалии што ја намалија производството од ветер и хидроенергија, како и студените зимски бранови, Брисел посочува дека најголем дел од планираните мерки веќе се во тек или се спроведени.

Во декември Комисијата го претстави Европскиот пакет за електроенергетски мрежи, со цел да се забрза модернизацијата на инфраструктурата и да се поддржи чистата енергетска транзиција. Паралелно, започнати се консултации за претстојни мерки, вклучително и рамката за управување со Енергетската унија, која ја дефинира архитектурата на целите за намалување на стакленичките гасови, обновливи извори и енергетска ефикасност.

РЕКЛАМА

Освен законските измени, издадени се препораки и насоки за поттикнување на инвестициите во обновливи извори и подобрување на енергетската ефикасност. Формирана е и Работна група за Енергетската унија, како платформа за координација со земјите членки за прашања како оданочување на енергијата, развој на мрежите и намалување на емисиите на метан.

Краткорочни олеснувања и долгорочни реформи

Акцискиот план, објавен на 26 февруари 2025 година, предвидува краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за намалување на енергетските трошоци. Меѓу итните мерки се намалување на даноците и давачките за електрична енергија, користење на новата рамка за државна помош за чиста индустрија и воведување заштитни механизми за ранливите потрошувачи погодени од енергетска сиромаштија. Дел од овие мерки веќе даваат резултати во одделни земји членки.

Во подолг рок, стратегијата се фокусира на структурна модернизација на европскиот енергетски систем преку инвестиции во мрежи, интерконектори и флексибилност на индустријата, поедноставување на процедурите за дозволи и зајакнување на управувањето, како и забрзување на производството и складирањето на обновлива енергија.

Од Комисијата порачуваат дека остануваат подготвени да ги поддржат земјите членки, особено во делот на мерките што поефикасно се дизајнираат и спроведуваат на национално или локално ниво.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил