Билбао и Леон: 33 земји веќе се обврзаа на тројно зголемување на нуклеарната енергија

Во интервју за енергетлсиот портал EnergyConnects.com, генералната директорка на Светската нуклеарна асоцијација, д-р Сам Билбао и Леон, изјави дека светот е на пат да го надмине зацртаниот план за тројно зголемување на нуклеарните капацитети до 2050 година, но нагласи дека 2026 ќе биде „година на акција“ во која амбициите мора да се преточат во конкретни проекти.

Говорејќи за најновиот извештај „World Nuclear Outlook“, претставен неодамна за време на Светскиот економски форум во Давос, Билбао и Леон истакна дека доколку сите најавени и планирани проекти се реализираат, глобалниот нуклеарен капацитет би можел да достигне над 1.400 гигавати до 2050 година.

„Тоа е повеќе од целта за тројно зголемување договорена на COP28. Доколку плановите се реализираат, навистина сме на пат да ја оствариме таа цел“, изјави таа. Според неа, во услови на зголемени геополитички тензии, сè повеќе држави ја ставаат енергетската безбедност и независност како врвен приоритет, а нуклеарната енергија ја гледаат како средство за истовремено постигнување економски раст и исполнување на климатските цели од Парискиот договор.

РЕКЛАМА

Предизвици: финансии и индустриски капацитети

Сепак, и покрај позитивните прогнози, Билбао и Леон посочи дека пред индустријата стојат значајни предизвици.

„Политичката поддршка постои, но сега мора да се преточи во индустриски стратегии и конкретни акциски планови“, рече таа, посочувајќи ја Индија како пример за земја што активно работи на тоа.

Финансирањето останува клучно прашање, иако интересот од финансискиот сектор расте. Паралелно, потребно е обновување на индустриските капацитети, синџирите на снабдување и стручниот кадар, особено во западните земји каде овие способности биле намалени во изминатите децении.

Индија со амбициозна цел од 100 гигавати

Индија минатата година објави цел да достигне 100 гигавати нуклеарен капацитет до 2047 година. Во таа насока, за првпат на India Energy Week беше организирана и посебна „нуклеарна зона“, а индиската државна енергетска компанија NTPC Limited се приклучи кон World Nuclear Association.

Билбао и Леон оцени дека отворањето на секторот за приватни и меѓународни партнери претставува значаен чекор напред и сигнал за зголемен глобален интерес за индискиот нуклеарен пазар.

SMR – клучен дел од енергетската транзиција

Говорејќи за малите модуларни реактори (SMR), таа истакна дека тие ќе бидат важен, но не и единствен дел од решението.

„Не е пресудна нивната големина, туку начинот на испорака – модуларноста и сериското производство, што може да ги направи подостапни и побрзи за изградба“, објасни Билбао и Леон.

Според неа, SMR-технологијата е особено погодна за замена на постојните термоцентрали на јаглен, со што би се зачувала инфраструктурата и би се овозможила преквалификација на работната сила во регионите зависни од јаглен. Дополнително, овие реактори можат да обезбедат електрична енергија и топлина за индустриски кластери со ниски емисии, вклучително и петрохемиски и металуршки комплекси.

„Амбицијата мора да се претвори во челик на терен“

Билбао и Леон нагласи дека 33 држави веќе се обврзале на тројно зголемување на нуклеарните капацитети, а се очекува и нови земји да се приклучат.

„Амбициите се важни, но сега сакаме да видиме челик на терен и произведени гигават-часови“, порача таа, додавајќи дека нуклеарната енергија може да обезбеди континуирано, 24/7 производство на чиста и конкурентна енергија, неопходна за декарбонизација и економски развој до 2050 година.

Извор: Energyconnects.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил