„Волво“ повлекува над 40.000 електрични SUV возила поради ризик од пожар на батеријата

Компанијата Волво ќе повлече повеќе од 40.000 електрични теренци од моделот Volvo EX30 поради ризик од прегревање на батериските модули, потврди компанијата за агенцијата Ројтерс. Потегот претставува сериозен удар за производителот кој гради имиџ врз безбедноста и може да го чини стотици милиони долари.

Станува збор за 40.323 возила од верзиите Single-Motor Extended Range и Twin-Motor Performance, кај кои ќе се заменуваат модули во високонапонските батериски пакети. Од компанијата соопштија дека сопствениците ќе бидат контактирани со инструкции за понатамошните чекори, а поправките ќе се извршуваат бесплатно. Веднаш по објавата, акциите на „Волво“ забележаа пад од околу 4%.

Батерии од ист добавувач

Батериските ќелии се произведени од заедничката компанија Shandong Geely Sunwoda Power Battery, поддржана од кинескиот гигант Geely, кој е мнозински сопственик на „Волво“. Производителот соопшти дека проблемот е веќе отстранет и дека заменските батерии ќе доаѓаат од истиот добавувач.

РЕКЛАМА

До завршување на интервенциите, од сопствениците се бара полнењето да го ограничат на 70% за да се елиминира ризикот од пожар. Во повеќе од десет земји, меѓу кои САД, Австралија и Бразил, на клиентите им било препорачано и да ги паркираат возилата подалеку од објекти.

Чувствителен момент за брендот

Повлекувањето доаѓа во време кога „Волво“ спроведува програма за заштеда од 1,9 милијарди долари и продлабочена интеграција со „Гили“. Моделот EX30 е клучен во стратегијата за натпревар со поевтините кинески електрични возила, па секој безбедносен пропуст носи дополнителен притисок.

Автомобилската индустрија веќе има скапи искуства со батериски дефекти. Во 2020 година, General Motors повлече околу 140.000 електрични модели Chevy Bolt поради ризик од пожар, што ја чинеше компанијата околу две милијарди долари.

Потенцијално висока сметка

Според анализа на Ројтерс, замената на батериските модули би можела да достигне вредност од околу 195 милиони долари, без да се пресметаат логистичките и сервисните трошоци. Од „Волво“ овие пресметки ги оценија како шпекулативни и посочија дека разговорите со добавувачот се во тек.

Некои сопственици веќе изразија незадоволство. Осигурителен агент од Велика Британија изјави дека го избрал EX30 поради автономијата и безбедносната репутација на брендот, но смета дека производителот треба да преземе одговорност бидејќи „произведува автомобил што е потенцијално опасен“.

Сопственик од Нов Зеланд, пак, наведува дека ограничувањето на полнењето ја намалило автономијата и му создало дополнителни трошоци, додавајќи дека би бил задоволен доколку компанијата го откупи возилото назад.

За бренд чиј идентитет со децении е врзан со безбедноста, ова повлекување претставува тест за довербата на потрошувачите – и за кредибилитетот на неговата електрична транзиција.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил