Словачка и Унгарија ќе ослободат по 250.000 тони сурова нафта од своите стратешки резерви, откако од 27 јануари е прекинат дотокот на руска нафта преку нафтоводот Дружба, кој минува низ територијата на Украина.
Испораките кон словачката рафинерија Slovnaft и унгарската нафтена компанија MOL Group беа запрени по, како што соопштија украинските власти, руски воздушен напад врз дел од инфраструктурата на нафтоводот на украинска територија.
Владата во Братислава одобри позајмување на 250.000 тони (околу 1,83 милиони барели) сурова нафта од државните резерви за потребите на Slovnaft. Компанијата ќе може да ги користи овие количини до 30 септември, по што мерките ќе бидат укинати или продолжени, во зависност од состојбата.
Истовремено, унгарската влада со уредба објавена во службен весник одлучи да стави на располагање иста количина нафта од своите резерви, при што MOL ќе има предност при преземањето на суровината.
По руската инвазија врз Украина во 2022 година, Европската комисија им дозволи на Словачка и Унгарија да продолжат со увоз на руска нафта преку „Дружба“, и покрај санкциите кон Москва.
Словачкиот премиер Роберт Фицо и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијартого обвинија украинскиот претседател Володимир Зеленски дека одлуката за необновување на транспортот по три недели прекин е политички мотивирана.
Фицо изјави дека оштетувањата на нафтоводот се санирани и дека системот е технички подготвен за испораки, повикувајќи Европската комисија да испрати надзорна мисија. Сијарто, пак, порача дека Унгарија ќе обезбеди стабилно снабдување со гориво и ќе ги контролира цените, додавајќи дека испораките на дизел кон Украина се прекинати сè додека не продолжи транспортот на нафта преку „Дружба“.
Од украинското Министерство за надворешни работи ги отфрлија обвинувањата, нагласувајќи дека Киев е во постојан дијалог со Европската комисија и надлежните институции во Будимпешта и Братислава во врска со снабдувањето преку нафтоводот. Киев оценува дека обвинувањата претставуваат притисок за продолжување на увозот на руска нафта, спротивно на политиката на Европската Унија за постепено укинување на руските енергенси.
Енергетика 24
