Пресвртот во американската климатска политика ги принуди производителите повторно да се свртат кон бензинци и хибриди
Наглото повлекување од амбициозните планови за електрични возила (ЕВ) ѝ нанесе удар од најмалку 65 милијарди долари на глобалната автомобилска индустрија во изминатата година, објави „Financial Times“. Раководителите предупредуваат дека следуваат дополнителни финансиски последици додека компаниите ги ресетираат своите стратегии.
Причина за пресвртот е радикалната промена на климатската политика во САД, каде администрацијата на Доналд Трамп ги укина даночните олеснувања за електрични возила и најави дополнително намалување на регулативите за емисија на штетни гасови. Индустриските проценки укажуваат дека уделот на електричните возила на американскиот пазар во наредните години може да падне на околу 5%, приближно двојно помалку од сегашното ниво.
Финансиски загуби во милијарди
Меѓу најпогодените е компанијата Stellantis, која објави загуби од 26 милијарди долари поради укинување на дел од целосно електричните модели и повторно воведување на бензинскиот 5,7-литарски „Hemi“ V8 мотор во САД. Компанијата најави и враќање на дизел агрегати кај дел од европските модели. По оваа одлука, нејзината пазарна вредност се намали за околу 6 милијарди долари. Претходно, групацијата имаше цел до 2030 година целосно да премине на електрични патнички возила во Европа, а во САД тие да сочинуваат половина од продажбата.
Ford Motor Company пријави загуби од 19,5 милијарди долари по откажувањето на електричната верзија на F-150 пикапот. Слични финансиски корекции направија и Volkswagen, Volvo Cars и Polestar.
Јапонската Honda, која претходно најави целосно укинување на бензинските и дизел модели до 2040 година, прогнозира годишни загуби од 4,5 милијарди долари поврзани со електричните возила, од кои 1,9 милијарди се директни отпишувања. Компанијата ја преиспитува стратегијата и го прекинува партнерството за електрични возила во САД со General Motors, кој веќе отпиша 7,6 милијарди долари од своите операции.
Пад и кај Tesla
Дури и пазарниот лидер Tesla се соочува со пад на продажбата, под притисок на кинеската конкуренција и негативните реакции поврзани со политичкиот ангажман на извршниот директор Елон Маск. Компанијата го прекина производството на своите луксузни модели Model S и Model X.
Аналитичарите оценуваат дека производителите биле понесени од еуфоријата околу високите пазарни вреднувања на Tesla, но не успеале да понудат модели што ги исполнуваат очекувањата на купувачите во однос на цена, автономија и инфраструктура за полнење.
Поскапa транзиција
Забавувањето на електричната транзиција во САД, наспроти побрзото темпо во Кина, дополнително ги зголемува трошоците за производителите, кои сега мора паралелно да развиваат електрични, хибридни и бензински модели за различни пазари.
И покрај краткорочните загуби, дел од компаниите, вклучително и раководството на General Motors, остануваат посветени на долгорочната електрификација. Сепак, стратегијата сега се темели на поголема флексибилност и внимателно усогласување со регулаторната рамка и реалната побарувачка на пазарот.
Извор: Financial Times
