НИС бара ново одложување на американските санкции за да продолжи со увоз на нафта

Српската нафтена компанија Нафтна индустрија Србије (НИС) побара ново изземање од американските санкции со цел да продолжи со увоз на сурова нафта, додека траат преговорите за продажба на рускиот мнозински удел на унгарската компанија MOL.

Во соопштение објавено во петокот, НИС информираше дека барањето до Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при американското Министерство за финансии е поднесено на 12 февруари. Компанијата не наведува за колкав период бара продолжување од американските власти. Претходното изземање истекува на 20 февруари годинава.

НИС се најде под американски санкции во октомври минатата година, кога Гаспромњевт и Гаспром, како нејзини мнозински сопственици, беа опфатени со пошироки мерки насочени кон рускиот енергетски сектор поради војната во Украина. Во декември, американските власти ѝ дадоа рок на НИС до крајот на март да го договори повлекувањето на рускиот капитал.

РЕКЛАМА

Компанијата управува со единствената рафинерија за нафта во Србија, во Панчево, и покрива околу 80% од потребите за гориво во земјата, што ја прави клучен фактор за енергетската стабилност.

„Продолжувањето на оперативната лиценца би обезбедило неопходна временска рамка за заинтересираните страни да ги финализираат разговорите“, наведуваат од компанијата, нагласувајќи дека нејзиното редовно функционирање е од суштинско значење за економијата на Србија.

Одлуката на американските власти ќе има директно влијание врз снабдувањето со нафта и горива на српскиот пазар во наредниот период.

Извор: Nis.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил