Велика Британија обезбеди рекордно количество соларна енергија на најновата државна аукција за обновливи изворi одржана на почетокот од неделава, со што направи значаен исчекор кон исполнување на своите климатски цели и намалување на трошоците за електрична енергија.
Според соопштението на владата, на седмата по ред аукција се обезбедени вкупно 6,2 гигавати (GW) нови проекти од копнен ветер, соларна и плимна енергија, при што доминантен удел има соларната енергија со 4,9 GW – највисоко ниво досега.
Министерот за енергетика, Ед Милибанд, изјави дека масовната поддршка за соларната и копнената ветерна енергија ќе придонесе за трајно намалување на сметките и заштита на домаќинствата и компаниите од ценовните шокови на фосилните горива.
„Со поддршка на соларната и копнената ветерна енергија во голем обем, ги намалуваме трошоците и ги штитиме семејствата, бизнисите и државата од нестабилноста на фосилните горива“, се наведува во неговата изјава.
Договори со гарантирана цена
Аукциите, кои традиционално се одржуваат еднаш годишно, функционираат преку механизмот познат како „Contracts for Difference“ (CfD), договори со гарантирана минимална цена за произведената електрична енергија.
Доколку пазарната цена падне под договореното ниво, владата ја покрива разликата, а доколку цената ја надмине таа граница, производителите ја враќаат разликата во државниот буџет. Овој модел има за цел да обезбеди сигурност за инвеститорите и пониски трошоци за потрошувачите.
Во рамки на последната аукција, цената за копнен ветер изнесува 72,24 фунти за мегават-час (MWh) по цени од 2024 година, додека за соларните проекти е утврдена на 65,23 фунти/MWh – значително пониско од трошоците за изградба на нови гасни електрани, според владата.
Доволно струја за 16 милиони домаќинства
Заедно со претходно најавените рекордни капацитети од офшор ветер, вкупниот капацитет обезбеден во седмата аукција достигнува 14,7 GW, што е доволно за снабдување со електрична енергија на околу 16 милиони домаќинства.
Меѓу 157-те соларни проекти кои добија договори се и Cressing Solar Farm на компанијата EDF, како и проектот Clachaig Glen на германската енергетска група RWE.
Британската влада има цел електроенергетскиот сектор во голема мера да го декарбонизира до 2030 година – амбициозна стратегија што подразбира значително зголемување на уделот на обновливите извори, пред сè ветерната и соларната енергија.
Извор: Gov.uk
