Соединетите Американски Држави и Република Македонија постигнаа договор за Рамка за спогодба за реципрочна, фер и балансирана трговија, со цел зајакнување на билатералните економски односи, што ќе им овозможи на извозниците од двете земји проширен пристап до пазарите на едни со други, објави Белата Куќа. Спогодбата ќе ја зацврсти трговската соработка, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи трансатлантското партнерство.
Покрај регулирањето на трговските односи меѓу двете земји, важен дел од оваа рамка е енергетската соработка, насочена кон зајакнување на енергетската безбедност на Македонија и диверзификација на изворите на енергија. Во тој контекст, двете држави ја поздравија изградбата на новиот гасен интерконектор меѓу Македонија и Грција, кој претставува стратешки инфраструктурен проект за поврзување на земјата со регионалните и европските гасни пазари.
Според заедничката изјава објавена од страна на Белата куќа, Македонија ќе започне со набавка на американски течен природен гас (ЛНГ) веднаш по завршувањето на интерконекторот, со што за првпат ќе се овозможи директен пристап до американски енергетски ресурси.
Овој чекор се оценува како значаен исчекор кон намалување на зависноста од традиционалните снабдувачи и зајакнување на стабилноста и отпорноста на националниот енергетски систем.
Во рамките на договорот, Македонија се обврзува да усвои и одржува високи стандарди за заштита на животната средина и доследно да ги спроведува своите еколошки закони, со што енергетската соработка ќе биде усогласена со целите на зелената транзиција и меѓународните климатски обврски.
Новата рамка за реципрочна, фер и балансирана трговија меѓу САД и Македонија несомнено ја зајакнува стратешката димензија на билатералните односи и, за прв пат, ја позиционира енергетиката како еден од мошне важните сегменти на соработката меѓу двете држави.
Енергетика 24
