ЧЕЗ најави модернизација на нуклеарните централи Дуковани и Темелин

Чешкиот оператор на нуклеарни електрани ЧЕЗ објави дека во 2026 година ќе инвестира вкупно 392 милиони американски долари во модернизација на електраните Дуковани и Темелин.

За електраната Темелин, која располага со два реактори VVER-1000 ставени во употреба во 2000 и 2002 година, се предвидени инвестиции од 3,8 милијарди чешки круни (182 милиони долари). Проектите вклучуваат продолжување на модернизацијата на контролниот систем и финализирање на преминот кон подолг горивен циклус.

Вториот блок, по работите започнати во 2023 година, на пролет ќе премине на 16-месечен горивен циклус, додека првиот блок ќе го следи истиот модел наесен. Според директорот на Нуклеарната дивизија на ЧЕЗ, Бохдан Зронек, со ова работењето меѓу два ремонта ќе се продолжи за шест месеци во однос на првичниот дизајн, што значително ќе ја зголеми ефикасноста и вкупното производство на електрична енергија.

РЕКЛАМА

Во Темелин продолжува и постепената транзиција кон нов контролен систем на „Вестингхаус“, чија целосна имплементација е планирана до 2029 година. Од 2022 година досега се инсталирани десетици нови сервери, поставени се околу 80 километри оптички кабли, направени се прилагодувања во контролната сала и заменети се процесорските единици во управувачките ормани.

Компанијата го проширува и користењето на вештачка интелигенција, која веќе придонела за заштеда од илјадници мегават-часови електрична енергија годишно. Според директорот на Темелин, Петр Мјештан, алатките за вештачка интелигенција ќе се користат за поефикасна обработка на обемната документација, а постепено и за анализа на слики, цртежи и дијаграми.

Во електраната Дуковани, ЧЕЗ планира инвестиции од 4,4 милијарди круни (210 милиони долари) во обемна модернизација на турбини, пумпи и друга клучна опрема, со цел продолжување на работниот век и можност за зголемување на производството. Проектот ќе вклучи примена на нови методи на заварување, антикорозивна заштита, користење дронови и дополнителна дигитализација на процесите.

Дуковани располага со четири реактори VVER-440 пуштени во работа меѓу 1985 и 1987 година. Просечната возраст на 1.780 вработени е околу 42 години, што, според раководството, укажува на успешно завршена генерациска смена.

Чешка во моментов обезбедува околу една третина од електричната енергија од нуклеарни извори. Покрај модернизацијата на постојните капацитети со цел нивна работа до 60 години, земјата планира изградба на нови гигаватски блокови, првенствено во Дуковани, како и развој на до 3 гигавати капацитет од мали модуларни реактори.

Извор: World-nuclear-news.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил