Рускиот енергетски концерн „Новатек“, најголем производител на течен природен гас (ЛНГ) во земјата, соопшти дека неговата нето-добивка во 2025 година се намалила за повеќе од 60%, на 183 милијарди рубљи, односно околу 2,37 милијарди долари.
Компанијата, која е под западни санкции поради војната во Украина, има потешкотии со целосното искористување на новиот проект „Арктик ЛНГ-2“. Погонот, лоциран на арктичкиот полуостров Гидан во Карското Море, започна со производство во декември 2023 година, но првата испорака до крајни купувачи во Кина беше реализирана дури во август минатата година.
„Новатек“ соопшти дека нормализираната нето-добивка за 2025 година, која ги исклучува ефектите од флуктуациите на девизниот курс, изнесувала 207 милијарди рубљи, или околу 2,68 милијарди долари. Финансискиот резултат бил негативно погоден од необјавени еднократни некешовни ставки, со вкупен ефект од 301 милијарда рубљи, односно приближно 3,9 милијарди долари.
Падот на добивката е забележан и покрај растот на производството на јаглеводороди од 1% на годишно ниво, на 1,84 милиони барели нафтен еквивалент.
Инаку „Новатек“ е водечка руска приватна енергетска компанија, специјализирана за производство на природен гас и течен природен гас, со клучна улога во развојот на арктичките енергетски проекти на Русија. Компанијата е еден од главните столбови на руската ЛНГ-стратегија, но нејзиниот раст во последните години е значително ограничен од меѓународните санкции и логистичките предизвици.
Извор: Ројтерс
