Глобалниот енергетски сектор се соочува со длабоки структурни промени, при што фокусот на енергетската транзиција сè повеќе се префрла од исклучиво климатските цели кон енергетската безбедност, достапноста и националната независност, покажуваат најновите глобални енергетски перспективи на консултантската компанија McKinsey.
Според Роланд Ракштајнер, партнер во консултантската куќа McKinsey, глобалната побарувачка за нафта повторно се приближува до нивото од 2018 година, со очекување да се стабилизира околу 2035 година. Истовремено, природниот гас сè појасно се профилира како долгорочен столб на енергетскиот систем, а не само како транзициско гориво.
„Проекциите покажуваат дека и во 2050 година околу 25% од глобалниот енергетски микс ќе доаѓа од гас, при што приближно три четвртини од растот ќе биде генериран во Азија“, посочи Ракштајнер.
И покрај претходните проценки дека употребата на јаглен го достигнала својот врв уште во 2014 година, актуелните податоци укажуваат на рекордно висока глобална потрошувачка. Тоа, според McKinsey, во најголема мера е резултат на зголемената побарувачка за металуршки јаглен во челичната индустрија, но и континуираната употреба на термојаглен во повеќе региони.
Компанијата прогнозира дека глобалната потрошувачка на електрична енергија ќе се удвои до 2050 година, под влијание на растот на домаќинствата, електрификацијата на транспортот, експанзијата на дата-центрите и идните апликации на водородот. На страната на обновливите извори, соларната фотонапонска енергија станува сè поконкурентна на глобално ниво, додека ветерната енергија покажува значителни регионални разлики. Развојот на водородната економија, пак, засега се соочува со одложувања поради недоволно конкурентни ценовни нивоа.
Според Ракштајнер, иако енергетската транзиција продолжува со забрзано темпо, нејзините двигатели суштински се менуваат. „Доколку во минатото доминираа дискусиите за одржливост, денес клучни се прашањата за достапноста на енергијата и сигурноста на снабдувањето. Тоа неминовно води кон различни енергетски решенија во различни делови од светот“, нагласи тој.
Извор: Energyconnects.com
