Европската инвестициска банка (ЕИБ) официјално се враќа во Турција со нови заеми за обновливи извори на енергија, ставајќи крај на повеќегодишниот застој предизвикан од спорот околу истражувањата за нафта и гас во источниот Медитеран.
ЕИБ и турското Министерство финансии минатата недела потпишаа писмо за намери за кредитна поддршка од вкупно 200 милиони евра. Средствата се наменети за финансирање проекти за зелена енергија преку Турската банка за развојни инвестиции и државната извозна кредитна институција „Турк Егзимбанк“.
Од банката соопштија дека кредитите претставуваат „постепено повторно ангажирање“ во Турција и дека разговорите за финален договор сè уште траат. Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека оваа поддршка е „само почеток“ на подлабока финансиска соработка.
ЕИБ ги замрзна новите заеми за Турција во 2019 година, во рамки на пошироките мерки на Европската унија поради, како што беше наведено, нелегални енергетски активности во водите за кои право полага и Кипар. Исклучок беше направен во 2023 година, по разорните земјотреси, кога банката одобри 400 милиони евра за реконструкција.
Пред суспензијата, Европската инвестициска банка беше меѓу најзначајните странски кредитори на Турција, со финансирани проекти во вредност од повеќе од 29 милијарди евра од почетокот на своето работење во земјата во 1965 година.
Извор: Bloomberg.com
