МЕПСО: Стапија на сила новите правила за набавка на струја за покривање на загубите во преносниот систем

Од 1 февруари 2026 година стапија на сила новите Правила за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во електропреносната мрежа. Правилата се донесени согласно Законот за енергетика и се објавени во „Службен весник на РСМ“ бр. 9/2026.

Врз основа на новоутврдените процедури, пазарни принципи и критериуми, АД МЕПСО веќе ја реализираше првата набавка на електрична енергија за периодот февруари–март 2026 година.

Целта на Правилата е усогласување на МЕПСО со современите пазарни услови, како од законски, така и од комерцијален аспект, особено во делот на набавката на електрична енергија за покривање на системските загуби. Тие се изработени на транспарентен и недискриминаторски начин и овозможуваат еднаков пристап за сите пазарни учесници кои ги исполнуваат условите за учество.

РЕКЛАМА

Клучни новини во однос на претходните правила

Најзначајните измени што ги носат новите Правила се:

  • Набавка во повеќе временски периоди во текот на денот, што овозможува попрецизно планирање на потребите, подобри прогнози и намалување на трошоците, а на понудувачите им дава поголема флексибилност при доставување понуди.
  • Укинување на коефициентот на модулација, кој претходно претставуваше ограничување за дел од понудувачите, со што се проширува кругот на учесници на пазарот.
  • Минимална понуда од 1 MW, што овозможува учество и на помали пазарни субјекти, особено оние со сопствено производство во државата, со што се поттикнува конкуренцијата.
  • Воведување листа на понуди (merit order list), при што изборот на електрична енергија се врши според најповолните цени (EUR/MWh) сè до исполнување на потребната количина за секој временски период.

Примената на новите Правила носи значајни оперативни и економски придобивки за АД МЕПСО, меѓу кои се зголемена флексибилност, подобро управување со загубите, поголем број на понудувачи и намалување на трошоците и дебалансите.

Ефектите од измените веќе се видливи. Со првата реализирана набавка за периодот февруари–март 2026 година постигнати се цени пониски за околу 10 проценти за февруари и 4 проценти за март во споредба со истиот период во 2025 година.

Извор: АД МЕПСО

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил