Германската енергетска групација RWE потпиша рамковен, необврзувачки договор со Националната нафтена компанија на Абу Даби (ADNOC) за потенцијални испораки на течен природен гас (ЛНГ) за германскиот и поширокиот европски пазар, соопшти компанијата во петокот.
Според договорот, RWE ќе ја разгледува можноста за набавка до еден милион метрички тони ЛНГ годишно, во период до 10 години, како дел од напорите на Германија за зајакнување на енергетската безбедност и намалување на зависноста од ограничен број снабдувачи.
Германија интензивно ја преструктурира својата енергетска политика по руската инвазија врз Украина во 2022 година, со што Норвешка стана нејзин најголем снабдувач со природен гас, додека Соединетите Американски Држави обезбедуваат речиси целокупен увоз на ЛНГ.
Главниот извршен директор на RWE, Маркус Кребер, оцени дека соработката со ADNOC претставува значаен чекор кон обезбедување стабилни и долгорочни енергетски решенија за Европа, надоврзувајќи се на веќе воспоставени партнерства во регионот на Заливот.
Покрај договорот со ADNOC, RWE постигна и стратешки договор со Masdar, државната компанија за обновлива енергија на Абу Даби, за заеднички инвестиции во батериски складишта со вкупен капацитет до 2 гигавати во Германија.
Германската влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, ја интензивира соработката со земјите од Заливот, кои поради своите енергетски ресурси и инвестициски капацитети се позиционираат како клучни партнери во германската енергетска транзиција и долгорочната технолошка соработка.
Извор: Ројтерс
