Грчка компанија преговара за 20-годишен договор за американски ЛНГ

Заедничкото претпријатие Atlantic Sea LNG Trade, основано од страна на грчкиот снабдувач со природен гас ДЕПА и градежната групација Aktor, води напредни разговори за обезбедување до 15 милијарди кубни метри (bcm) годишно американски течен природен гас (ЛНГ) во период од 20 години, со цел долгорочно зајакнување на снабдувањето на јужна и централна Европа.

Иницијативата се вклопува во пошироката стратегија на Грција да се позиционира како клучна транзитна точка за природен гас кон европските пазари, во време кога Европската унија се подготвува целосно да го прекине увозот на руски гас до крајот на 2027 година. Очекуваниот прекин дополнително ја засилува конкуренцијата за долгорочни договори за ЛНГ и ја зголемува потребата од сигурни и предвидливи извори на снабдување.

„Доколку Европа сака да избегне нова зависност и нестабилност на пазарот на гас, неопходно е навремено обезбедување долгорочни договори со САД, со цел стабилност на снабдувањето и прифатливи цени на долг рок“, изјави извршниот директор Александрос Екзарху.

РЕКЛАМА

Според неговите најави, компанијата има за цел да постигне конкретен договор на состанок во Вашингтон закажан за 24 февруари. Паралелно се водат разговори со американски добавувачи, како и со потенцијални купувачи долж таканаречениот Вертикален гасен коридор, кој овозможува транспорт на гас од Грција кон земјите од централна Европа и Украина.

Интерес за долгорочно снабдување со гас, како што посочи Екзарху, постои во Албанија, Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија, Молдавија, Австрија, а потенцијално и во Украина, при што највисока потрошувачка е забележана во северниот дел на коридорот.

Во понеделникот, Atlantic Sea LNG Trade го склучи својот прв договор за испорака на американски ЛНГ со Украина. Испораката е планирана за март преку терминалот Ревитуса во Грција, со натамошен транспорт кон украинската државна енергетска компанија Нафтогас преку Бугарија, Романија и Молдавија.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил