Блумберг: ЕУ рекордно зависна од американски и руски ЛНГ – над 80% од увозот во јануари

Европската унија во јануари обезбедила повеќе од 80% од увозот на течен природен гас (ЛНГ) од САД и Русија, што претставува највисоко забележано ниво и дополнително ја нагласува ограничената диверзификација на енергетските извори на континентот, покажуваат податоци од следење на бродови анализирани од „Блумберг“.

Според податоците, американскиот ЛНГ учествувал со околу 63% од вкупниот увоз во ЕУ, додека рускиот удел изнесувал 18%. Оваа структура на снабдување претставува значителен пресврт во однос на периодот пред четири години, кога алтернативните добавувачи обезбедувале околу половина од европските потреби за време на енергетската криза по инвазијата на Русија врз Украина.

На фонот на последните случувања на релација САД-ЕУ, зголемената зависност од САД сè почесто се оценува како стратешки ризик. Дел од европските функционери предупредуваат дека Унијата може да стане ранлива на политички и економски притисоци од Вашингтон. Минатогодишниот трговски договор меѓу ЕУ и САД вклучува обврска за купување американска енергија во вредност од 750 милијарди долари до 2028 година, во услови на засилена употреба на економски мерки во американската надворешна политика.

РЕКЛАМА

Во исто време, испораките на руски ЛНГ кон ЕУ се задржуваат близу до рекордни нивоа, и покрај најавената постепена забрана на увозот на руски гас и планираниот целосен прекин на енергетските односи до крајот на 2027 година. Аналитичарите оценуваат дека сегашниот обем делумно произлегува од обидите на трговците да обезбедат количини пред воведувањето на целосните ограничувања.

Другите снабдувачи, меѓу кои Алжир, Катар, Норвешка и Тринидад и Тобаго, во јануари покриле само 19% од увозот на ЛНГ во ЕУ, најниско учество во податоците на „Блумберг“ од 2017 година наваму.

На ниво на земји, Франција и Белгија во јануари добиле повеќе од 40% од увозот на ЛНГ од Русија, како и сличен удел од САД. Германија, најголемиот европски енергетски пазар, целиот увоз на ЛНГ го обезбедила од американски извори.

Во обид да ја намали зависноста, германскиот канцелар Фридрих Мерц неделава отпатува на Блискиот Исток, додека Европската комисија најави дека разгледува зголемени испораки од Катар, Канада и Северна Африка.

Порастот на увозот во јануари беше поддржан и од зголемената побарувачка поради серијата студени бранови, како и од намалените испораки од Алжир. Се очекува европската потрошувачка на ЛНГ годинава да достигне рекордно ниво, поттикната од потребата за обновување на испразнетите складишта на гас, кои во Германија се пополнети со значително помалку од сезонскиот просек.

Извор: Bloomberg.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил