Србија меѓу Брисел и Москва: Диверзификација на гасот со ЕУ, но уверувања за најниска руска цена

Србија паралелно ги интензивира напорите за диверзификација на снабдувањето со природен гас преку Европската унија, додека од Москва пристигнуваат уверувања дека земјата и во наредните месеци ќе има најповолна цена на рускиот гас во Европа.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за Ројтерс изјави дека Белград веќе преговара за набавка на гас преку заедничкиот механизам за купување на гас на ЕУ, во обид постепено да ја намали зависноста од руските испораки. Србија, која е кандидат за членство во Унијата, и натаму повеќе од 80 отсто од гасот го увезува од Русија.

„Ќе имаме и понатаму значајни количини руски гас, но земаме сè повеќе од европските партнери“, изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија планира да обезбеди околу 500 милиони кубни метри гас годишно преку заедничката европска иницијатива, што е околу една петтина од вкупните потреби на земјата.

РЕКЛАМА

Според него, Србија веќе увезува гас од Азербејџан преку Бугарија, а годинава треба да започне изградбата на гасовод кон Македонија, што ќе овозможи пристап до течен природен гас од Грција. Дополнително, нафтоводот меѓу Србија и Романија се очекува да биде завршен во 2027 година. „Ова е голема диверзификација“, нагласи Вучиќ.

Само еден ден претходно, од Москва дојдоа поинакви пораки. Министерот без ресор задолжен за меѓународна економска соработка, Ненад Поповиќ, по состанокот со рускиот министер за економски развој Максим Решетников, изјави дека Србија ќе продолжи да има „најповолна цена на гасот во Европа“.

„Да ги израдувам граѓаните на Србија, и во наредниот период ќе имаме најдобра цена и најдобри услови за нашата економија“, изјави Поповиќ, оценувајќи дека тоа е резултат на „одличните односи меѓу Србија и Русија, како и личните односи меѓу претседателите Владимир Путин и Александар Вучиќ“.

Изјавите доаѓаат во чувствителен момент за Белград, откако Србија не успеа да обезбеди нов долгорочен договор со „Гаспром“ во 2025 година, а актуелниот краткорочен договор истекува на 31 март. Во исто време, ЕУ врши притисок врз земјите кандидати да го намалат увозот на руска енергија поради војната во Украина.

Србија, која традиционално одржува блиски политички и економски врски со Москва, се обидува да одржи рамнотежа меѓу тие односи и стратешката цел за членство во Европската унија – задача што станува сè покомплексна во услови на геополитички тензии и енергетска неизвесност.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *