Скопје. 4 февруари 2026 – Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) официјално го започна проектот „Грантова шема за поддршка на зелени бизниси 2026–2030“, една од најголемите инвестиции во зелената економија во земјава. Проектот има вкупен буџет од 25 милиони евра, од кои 18 милиони се обезбедени од Европската Унија, а седум милиони од државниот буџет.
Целта на грантовата шема е да се забрза зелената транзиција на малите, микро и средни претпријатија, преку поддршка за најмалку 300 компании, мобилизирање најмалку 8 милиони евра дополнителни приватни инвестиции и примена на европски и меѓународни еколошки стандарди во најмалку 180 претпријатија.
На свеченото отворање се обратија премиерот Христијан Мицкоски и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, кои ја нагласија важноста на стратешката соработка меѓу ЕУ и Владата за унапредување на зелената економија и одржливиот развој.
Директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, истакна дека зелениот раст повеќе не е избор, туку економска и развојна нужност. Според неа, проектот претставува долгорочна интервенција во начинот на кој компаниите ќе функционираат и ќе се натпреваруваат на европските и светските пазари.
„Нашата амбиција е создавање нова генерација компании кои ќе бидат чекор пред европските стандарди и ќе се позиционираат како зелени лидери во регионот“, рече Димовска.

Грантовата шема, вредна 22 милиони евра, предвидува финансиска поддршка од 5.000 до 300.000 евра по компанија, со задолжително кофинансирање од 20 до 50 отсто, зависно од инструментот. Поддршката ќе се реализира преку повеќе финансиски инструменти, вклучувајќи техничка и советодавна помош, стандардизација и инвестиции во опрема, технологии и развој на нови производи.
Првите јавни повици се очекуваат во средината на 2026 година, а ќе биде организиран и инфо-караван низ земјата во соработка со општините, стопанските комори и секторските здруженија.
Проектот ќе се спроведува од јануари 2026 до јануари 2030 година и се очекува да придонесе за отворање најмалку 700 нови работни места, намалување на користењето природни ресурси за 20 проценти и зголемување на прометот на поддржаните компании за најмалку 10 проценти, во согласност со Европскиот зелен договор и Зелената агенда за Западен Балкан.
Енергетика 24
