Siemens Energy ќе инвестира 1 милијарда долари во САД

Франкфурт. 4 февруари 2026 – Германската компанија Siemens Energy ќе инвестира 1 милијарда долари во проширување на производството на опрема за електроенергетската мрежа и компоненти за гасни турбини во Соединетите Американски Држави, со цел да одговори на нагло зголемената побарувачка за електрична енергија, поттикната од експанзијата на дата-центри за вештачка интелигенција.

Големите технолошки компании вложуваат стотици милијарди долари во изградба на нови дата-центри во САД, кои ќе бараат значително повеќе електрична енергија од она што моментално може да го обезбеди застарената национална електроенергетска инфраструктура. Според владини проценки, дата-центрите би можеле да користат до 12% од вкупниот капацитет на американската електроенергетска мрежа во следните две години, што претставува речиси тројно зголемување во однос на 2024 година.

„САД во моментов се најдинамичниот пазар за електрична енергија во светот и не гледам дека овој тренд ќе запре“, изјави извршниот директор на Siemens Energy, Кристијан Брух, додавајќи дека американскиот пазар бил најголем по обем на нови нарачки за компанијата во изминатата година.

РЕКЛАМА

Инвестицијата е дел од поширок стратешки план вреден 6 милијарди евра и предвидува изградба на нов производствен погон во сојузната држава Мисисипи, наменет за производство на опрема за електроенергетската мрежа. Новата фабрика, која се очекува да биде завршена во 2028 година, ќе биде најголемиот ваков објект на Siemens Energy на глобално ниво.

Проширувањето на активностите во САД, каде што компанијата остварува околу 22% од вкупните приходи и вработува 12% од персоналот, ќе ја зголеми глобалната производствена способност за големи турбини за приближно 20%. Според Брух, значителен дел од растечката побарувачка доаѓа од дата-центрите, за кои Siemens Energy веќе има обезбедено или резервирано околу 20 гигавати генерациска моќ само на американскиот пазар.

Новите капацитети ќе овозможат фабриката за турбини во Берлин, најголема во рамки на групацијата, да се насочи повеќе кон клиентите во Европа и на Блискиот Исток, наместо кон извоз на американскиот пазар.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил