Лукоил се согласи да ги продаде меѓународните активи на американскиот Carlyle Group

Москва. 29 јануари – Рускиот нафтен гигант „Лукоил“, кој е под американски санкции, постигна договор за продажба на поголемиот дел од своите странски активи на американската инвестициска компанија Carlyle Group, соопшти компанијата. Трансакцијата, проценета на околу 22 милијарди долари, е условена со одобрение од владата на САД.

Продажбата се однесува на единицата LUKOIL International GmbH, која ги управува меѓународните операции на „Лукоил“ во Европа, Блискиот Исток, Африка, Централна Азија и Мексико. Меѓу активите се и удел во ирачкото нафтено поле West Qurna 2, како и рафинерии во Бугарија и Романија.

Компанијата соопшти дека договорот не е ексклузивен и дека е предмет на регулаторни одобренија, вклучително и согласност од Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при американското Министерство за финансии. И од Carlyle Group потврдија дека зделката зависи од завршување на детална анализа и регулаторни дозволи.

РЕКЛАМА

САД му дадоа рок на „Лукоил“ до 28 февруари да ги отуѓи меѓународните средства, по воведувањето санкции поради руската инвазија врз Украина. Доколку се реализира, продажбата ќе го означи крајот на странската експанзија на компанијата, која е најизложена на меѓународните енергетски пазари меѓу руските нафтени производители.

Во договорот не се вклучени средствата на „Лукоил“ во Казахстан. Властите во земјата веќе поднесоа формална понуда до американските институции за преземање на уделите на компанијата во клучни енергетски проекти, вклучувајќи го Каспискиот нафтоводен конзорциум и нафтеното поле Тенгиз.

Американското Министерство за финансии досега блокираше двa претходни обидa за продажба на средствата на „Лукоил“, вклучително и договор со швајцарската компанија Gunvor и предлог-зделка со Xtellus Partners.

Извор: Lukoil.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба