Европската унија ризикува да ги загрози целите за декарбонизација и енергетска безбедност доколку не се реформираат правилата за јавни набавки, предупредува Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E) во новообјавен пакет предлози до ЕУ.
Документот, посветен на ревизијата на директивите на ЕУ за јавни набавки, посочува дека постојната регулаторна рамка мора да се прилагоди за да ја поддржи, наместо да ја забавува, изградбата на критичната електроенергетска инфраструктура. Според ENTSO-E, енергетската транзиција во Европа зависи од најголемото проширување на електроенергетската мрежа во историјата на Унијата.
Јавните набавки претставуваат клучен сегмент од европската економија, со годишна вредност од околу 2,3 трилиони евра, или приближно 15% од БДП на ЕУ. Во системот се вклучени над 250.000 јавни институции, а набавките опфаќаат широк спектар на сектори, од инфраструктура и енергетика, до здравство, образование, ИТ и безбедност.
ENTSO-E нагласува дека ефикасните и модерни јавни набавки се суштински за квалитетни јавни услуги, економски раст и отворање нови работни места. Организацијата проценува дека зголемување на ефикасноста од само еден процент може да донесе заштеда од околу 20 милијарди евра годишно на ниво на ЕУ.
Во позициониот документ се предложени 14 конкретни реформи, насочени кон стратешко планирање на набавките за електроенергетските мрежи, поголема флексибилност за реализација на сложени проекти и значително намалување на административниот товар. Посебен акцент се става на зајакнување на дигиталните алатки и подобро управување со податоците во процесите на јавни набавки.
Препораките се доставени како дел од придонесот на ENTSO-E во консултацијата на Европската комисија за иднината на директивите за јавни набавки. Од организацијата порачуваат дека е неопходна „соодветна и функционална“ регулаторна рамка која ќе им овозможи на операторите на преносни системи навремено и безбедно да ја градат инфраструктурата, при целосно почитување на транспарентноста, еднаквиот третман и конкуренцијата.
Реформите се групирани околу три клучни приоритети: претворање на набавките за електроенергетските мрежи во стратешка алатка за енергетската транзиција и индустриските цели на Европа, обезбедување поголема флексибилност за навремена изградба на инфраструктурата и поедноставување на процедурите преку силна дигитална и податочна основа.
Пакетот препораки е поднесен во рамки на повикот за докази на Европската комисија, а паралелно се објавени и одговорите на ENTSO-E на јавниот консултативен прашалник.
Извор: Entsoe.eu
