Виена. 28 јануари 2026 – Трансбалканскиот гасовод беше истакнат како еден од клучните столбови на регионалната енергетска безбедност на пленарната седница за гас на иницијативата CESEC (Енергетска поврзаност на Централна и Југоисточна Европа), одржана во текот на вчерашниот ден во Виена.
Состанокот, организиран од Европската комисија и Секретаријатот на Енергетската заедница, го означи почетокот на годината во која ќе се забрза интеграцијата на пазарите на гас меѓу ЕУ и Енергетската заедница, во рамки на Четвртиот гасен пакет на ЕУ. Од август 2026 година, земјите членки на ЕУ ќе бидат обврзани да ги применуваат мрежните кодекси за гас на сите гранични точки, вклучително и со договорните страни на Енергетската заедница.
Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, оцени дека усогласувањето на регулативата е неопходно за создавање поинтегриран регионален пазар, кој ќе ја поддржи диверзификацијата од рускиот гас и ќе придонесе за енергетската безбедност на Украина, речиси четири години по почетокот на целосната руска инвазија.
Според Лорковски, регионот на Енергетската заедница покажува зголемена подготвеност за овие реформи. Србија во текот на минатата година направила значителен напредок во усогласувањето со правилата на ЕУ, зајакнувајќи ја регулаторната рамка и утврдувајќи јасен временски план за завршување на обврските за раздвојување на дејностите. Молдавија, пак, се подготвува за отворање на пазарот на гас според правилата на ЕУ во април 2026 година.
Тој нагласи и дека усогласувањето со новиот RePower acquis во областа на гасот, кој предвидува целосно напуштање на рускиот гас до 2027 година, дополнително ќе ја зајакне заедничката енергетска отпорност на ЕУ и Енергетската заедница.
Инфраструктурата, како што беше истакнато на состанокот, ќе има клучна улога во успехот на интеграцијата. Со зголеменото значење на течниот природен гас (ЛНГ), Трансбалканскиот гасовод добива сè поголема стратешка важност. Коридорот, со Грција како влезна точка за ЛНГ, ги поврзува Грција, Бугарија, Романија, Молдавија и Украина и може да го заштити регионот од потенцијални прекини во снабдувањето.
Сепак, значителен дел од капацитетот останува неискористен. Според студија на Секретаријатот на Енергетската заедница од 2025 година, цврстата искористеност во северен правец е далеку под технички можните околу 2,6 милијарди кубни метри годишно.
„Трансбалканскиот гасовод е стратешко средство за регионот. Нашата задача сега е да обезбедиме пазарни услови што ќе овозможат негово целосно искористување во функција на диверзификацијата и сигурноста на снабдувањето“, изјави Лорковски.
Извор: Energy-community.org
