Советот на ЕУ одобри постепена забрана за увоз на руски гас

Брисел. 26 јануари 2026 – Советот на Европската унија денеска формално ја усвои регулативата за постепено укинување на увозот на руски гас, вклучително и гас преку гасоводи и течен природен гас (ЛНГ). Со новите правила се воведуваат и мерки за засилен надзор и диверзификација на енергетските извори.

Регулативата претставува клучен чекор во спроведувањето на целта на REPowerEU за целосно прекинување на зависноста на Унијата од руската енергија.

„Енергетскиот пазар на ЕУ станува посилен, поотпорен и подиверзифициран. Ја прекинуваме штетната зависност од рускиот гас и правиме значаен чекор кон автономна Енергетска унија“, изјави кипарскиот министер за енергетика, трговија и индустрија, Михаел Дамианос.

РЕКЛАМА

Постепена примена и строги контроли

Според регулативата, увозот на руски гас ќе биде забранет шест недели по нејзиното стапување во сила, со преоден период за постојните договори. Целосната забрана за ЛНГ ќе важи од почетокот на 2027 година, а за гасот преку гасоводи од есента истата година.

Земјите членки ќе мора да ја проверуваат земјата на потекло на гасот пред да одобрат негов влез на пазарот на ЕУ. За прекршување на правилата се предвидени казни од најмалку 2,5 милиони евра за физички лица и најмалку 40 милиони евра или 3,5% од глобалниот годишен промет за компании.

До 1 март 2026 година, земјите членки треба да подготват национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас и за замена на руските количини. Компаниите ќе имаат обврска да ги пријават сите преостанати договори за руски гас.

Исклучоци во вонредни ситуации

Во случај на прогласена енергетска криза и сериозна закана за снабдувањето, Европската комисија може привремено да ја суспендира забраната за увоз, најмногу до четири недели.

Регулативата ќе биде објавена во Службениот весник на ЕУ и ќе стапи во сила еден ден по објавувањето, со директна примена во сите земји членки. Комисијата најави и нов предлог-закон за целосно укинување на увозот на руска нафта до крајот на 2027 година.

И покрај значителното намалување на увозот на руска нафта, кој во 2025 година падна под 3 отсто, рускиот гас сè уште учествува со околу 13% во вкупниот увоз на ЕУ, со годишна вредност поголема од 15 милијарди евра, што, според Брисел, претставува сериозен ризик за енергетската и трговската безбедност на Унијата.

Извор: Consilium.europa.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба