Операторите на електроенергетските мрежи во САД ги засилија мерките за да спречат ротирачки прекини на струја, откако екстремно студено време во саботата погоди околу половина од населението во САД и создаде силен притисок врз системот.
PJM Interconnection, најголемата регионална електромрежа во земјата која снабдува околу 67 милиони луѓе во источниот и средноатлантскиот дел на САД, пријави привремени нагли скокови на спот цените на електричната енергија. Цените во саботата наутро надминаа 3.000 долари за мегават-час, во споредба со помалку од 200 долари претходно.
PJM ја зголеми и прогнозата за побарувачката во вторник, очекувајќи рекордни 147,2 гигавати зимска потрошувачка, што би го надминало досегашниот рекорд од 143,7 гигавати поставен во јануари 2025 година.
Волатилност беше забележана и на другите пазари. Во Њу Ингланд и Средниот Запад цените на струјата скокнаа неколкукратно над вообичаените зимски нивоа. На мрежата ISO New England, која опфаќа шест сојузни држави, цените достигнаа речиси 600 долари за мегават-час, од под 100 долари ден претходно.
Поради високите цени и зголемената побарувачка, во погон беа вклучени и постари електрани кои вообичаено мируваат поголем дел од годината. Според експертите, тоа е јасен показател за зголемен стрес во системот.
Бурата и температурите околу минус 18 степени Целзиусови ја зголемија потрошувачката на електрична енергија, додека истовремено дел од производството и транспортот на природен гас беше ограничено поради замрзнување и недостиг на капацитети во гасоводите.
Midcontinent Independent System Operator (MISO), кој управува со мрежа во 15 сојузни држави и дел од Канада, ги повика електраните да го максимизираат производството и привремено го намали извозот на електрична енергија. Во изминатите 24 часа, MISO увезе неколку илјади мегавати струја од територијата на PJM за да ја покрие побарувачката.
Аналитичарите предупредуваат дека зимските услови претставуваат посебен ризик за сигурноста на снабдувањето, бидејќи гасните електрани, клучни за производството, често се соочуваат со недостиг на гориво и технички проблеми при екстремен студ.
Извор: Ројтерс
