Универзитетскиот професор Александар Спасов, гостувајќи во вчерашното издание на дебатната емисија „WIN WIN“ на Телма, изјави дека Македонија може и треба да влезе во аранжмани со Соединетите Американски Држави кои ќе бидат корисни за двете земји, особено во контекст на новонастанатите геополитички околности.
Говорејќи за предизвиците на надворешната политика, Спасов посочи дека енергетиката претставува една од клучните области во кои е можно продлабочување на соработката со САД. Тој потсети дека една од значајните политики на американската администрација е диверзификацијата на снабдувањето со енергенси, пред сè со природен гас, односно течен природен гас (ЛНГ).
Според Спасов, Македонија треба да се вклучи во регионални иницијативи за диверзификација и движење на енергенсите, во партнерство со САД и со земјите од регионот. Во таа насока, тој истакна дека Грција е особено важна држава на тој план и дека Македонија треба поактивно да се постави.
Инаку, интерконекторот за природен гас со Грција е еден од клучните енергетски проекти на земјата. Со неговата реализација се очекува поврзување со регионалните гасни мрежи и обезбедување пристап до алтернативни извори на гас, вклучително и ЛНГ преку грчките терминали, што се смета за важно за зголемување на енергетската сигурност и намалување на зависноста од еден снабдувач.
Енергетика 24
