Мицкоски од Давос: Македонија да се позиционира како активен играч во глобалната енергетска транзиција

Давос. 20 јануари 2026 – Македонија мора навремено и стратешки да се вклучи во глобалните енергетски процеси и да го искористи својот потенцијал за инвестициски раст, порача премиерот Христијан Мицкоски во видео-обраќање до јавноста од Давос, по, како што рече, успешен и интензивен ден исполнет со високи средби.

Мицкоски информираше дека остварил низа разговори со претставници на мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија, на кои биле презентирани можностите за инвестирање во македонската економија, со фокус на создавање долгорочна додадена вредност за граѓаните.

Посебен акцент премиерот стави на своето учество на панелот за енергетика, каде што настапи како говорник заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт, и водечките светски компании од енергетскиот сектор.

РЕКЛАМА

Според него, од дискусијата произлегле неколку клучни заклучоци. Првиот е дека во наредните години глобалната побарувачка за енергија значително ќе расте, при што потребата од електрична енергија ќе се зголемува два и пол пати побрзо од вкупната енергетска побарувачка.

Во тој контекст, Мицкоски нагласи дека Македонија не смее да остане пасивен набљудувач, туку треба да ги реактивира стратешките енергетски проекти од минатото, како Чебрен, Галиште и Бошков Мост, и паралелно да го понуди својот потенцијал за инвестиции во обновливи извори на енергија, за кои, како што рече, веќе постои изразен интерес од странски инвеститори.

Вториот заклучок е дека во следната деценија ќе биде неопходно да се изградат производствени капацитети кои ќе обезбедат околу 40.000 терават-часови електрична енергија на глобално ниво – количина што, според премиерот, е споредлива со денешната вкупна потрошувачка на САД, Канада, Европската Унија и Јапонија заедно.

Како трет клучен фактор, тој го посочи забрзаниот развој на вештачката интелигенција и дата-центрите, кои целосно зависат од стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија.

Мицкоски порача дека Македонија треба да ја искористи оваа глобална динамика за диверзификација на економијата, која досега во значителна мера се потпираше на автомобилската индустрија, и да изгради силна позиција во енергетскиот сектор.

„Убеден сум дека имаме капацитет, потенцијал и знаење како држава да станеме релевантен чинител во енергетиката и дека ќе успееме во таа стратешка насока“, порача премиерот од Давос.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба