Енергетските пазари на Европската Унија во вториот квартал од 2025 година покажуваат јасни знаци на стабилизација, наведуваат најновите квартални извештаи за пазарите на гас и електрична енергија објавени од страна на Европската комисија оваа изминатата недела.
Според Извештајот за пазарот на гас, цените на големо за првпат од почетокот на 2024 година бележат пад. Просечната цена изнесувала 35 евра за мегават-час, што е за 24% помалку во однос на претходниот квартал, но сè уште за 10% повисоко споредено со истиот период лани. Во извештајот се наведува дека падот е резултат на зголемениот глобален увоз на течен природен гас (ЛНГ), намалената побарувачка и поблагите временски услови со почетокот на летото.
Извештајот констатира и прекин на растот на малопродажните цени на гасот. По три последователни квартали на зголемување, цените за крајните потрошувачи се намалиле за 2% во однос на претходниот квартал и за 9% на годишно ниво, од 111,4 евра за мегават-час во април на 108,7 евра во јуни. Потрошувачката на гас во ЕУ била за 2% пониска споредено со вториот квартал од 2024 година, што, според извештајот, укажува на стабилизација на побарувачката под историскиот просек пред 2020 година.
Во делот за снабдувањето, во извештајот се наведува дека вкупниот увоз на гас достигнал 75 милијарди кубни метри, што е раст од 9% на квартално ниво. ЛНГ увозот изнесувал рекордни 35 милијарди кубни метри и сочинувал 46% од вкупниот увоз. САД обезбедиле 58% од LNG испораките, додека Норвешка останала најголем поединечен снабдувач со гас. Истовремено, увозот на руски гас – и преку гасоводи и како LNG – се намалил за 29% на годишно ниво, со што уделот на Русија во вкупниот увоз на ЕУ паднал на 12%.
Извештајот за пазарот на електрична енергија покажува дека соларното производство во вториот квартал достигнало нов рекорд од 98 терават-часови, што претставува раст од 20% во однос на истиот период лани. Наспроти тоа, производството од хидроенергија забележало значителен пад од 17%, додека производството од ветер и нуклеарни централи останало релативно стабилно. Уделот на обновливите извори во вкупното производство на електрична енергија изнесувал 52%, исто како и во вториот квартал од 2024 година.
Според извештајот, цените на електричната енергија благо пораснале во однос на минатата година, но биле значително пониски споредено со првиот квартал од 2025 година, главно поради пониските цени на гасот. Потрошувачката на електрична енергија во ЕУ останала речиси непроменета, со раст од 0,4%, и сè уште била за 6% под просекот од периодот пред енергетската криза.
Во посебен дел, извештаите укажуваат и на рекордни резултати во електромобилноста. Во вториот квартал од 2025 година во ЕУ биле продадени над 720.000 електрични возила, што е речиси 30% повеќе во споредба со истиот период лани. Според извештајот, електричните и plug-in хибридните возила учествувале со 23% во вкупната продажба на патнички автомобили во Унијата.
Извор: Европска комисија
