Глобалната продажба на електрични возила (ЕВ) пораснала за 20% во 2025 година, но се очекува растот да забави во 2026 година поради забавување на побарувачката во Кина и олабавување на целите за електрификација на светско ниво, соопшти консултантската компанија Benchmark Mineral Intelligence (BMI).
Според податоците, во декември е забележан најмалиот месечен раст на продажбата од февруари 2024 година. Регистрациите на електрични возила во Северна Америка дополнително опаднале по завршувањето на американската шема за даночни олеснувања во октомври.
Аналитичарите посочуваат дека радикалните промени во политиките, вклучително и отстапувањето на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп од електрификацијата и ублажувањето на еколошките стандарди во Европската унија, значително го промениле глобалниот пазар на електрични возила во 2025 година.

Во декември, глобалните регистрации пораснале за 6% на речиси 2,1 милион возила, со што вкупната продажба во 2025 година достигнала 20,7 милиони. Во Кина растот во декември изнесувал само 2%, најнизок на годишно ниво од февруари 2024, додека вкупната продажба во земјата пораснала за 17% на 12,9 милиони возила. Кина учествувала со 71% од глобалното производство и продажба на ЕВ.
Во Северна Америка, регистрациите во декември паднале за 39% на нешто над 100.000 возила, а на годишно ниво забележан е пад од 4%. Европа, пак, остварила раст од 34% во декември и 33% за целата година, додека продажбата во остатокот од светот пораснала за 48% во 2025 година.
BMI прогнозира дека во 2026 година глобално ќе се продадат 23,9 милиони електрични возила, што претставува раст од 15,7%. Се очекува забрзување на растот во Кина на 21%, додека Европа и другите региони ќе забележат побавен раст. Во Северна Америка се прогнозира пад од 23%, главно поради значителен пад на продажбата во САД.
Извор: Ројтерс
