Божиновска: Знаењето како темел на рударските политики – ново партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет

Скопје. 15 јануари 2026 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини континуирано ја зајакнува и унапредува соработката со релевантните институции во државата, со посебен акцент на академската и научно-истражувачката заедница, како клучен партнер во креирањето одржливи, стручни и долгорочни политики во секторот енергетика и рударство.

Во тој контекст, денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Технолошко-металуршки факултет, со што се воспоставува институционална рамка за продлабочена и системска соработка во области од заеднички интерес. Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и деканот на Технолошко-металуршки факултет проф. д-р Игор Јорданов.

Соработката со Технолошко-металуршкиот факултет има особено значење во контекст на секторот рударство и управувањето со минералните суровини, имајќи ја предвид експертизата, научно-истражувачкиот капацитет и долгогодишната улога на Факултетот во едукацијата на стручен кадар и развојот на применети решенија во областа на металургијата, материјалите и индустриските процеси.

РЕКЛАМА

„Рударството не смее да се води импровизирано. Одлуките мора да се темелат на наука, експертиза и податоци. Соработката со Технолошко-металуршкиот факултет ни овозможува директна врска меѓу институциите и знаењето што се создава во академската заедница – знаење што е неопходно за одговорно управување со минералните суровини и за долгорочен развој на секторот.“ истакна министерката Божиновска

Со Меморандумот се предвидува соработка преку заеднички студентски и апликативни проекти, експертска и научна поддршка, организирање обуки, работилници и конференции, формирање експертски тимови, како и размена на знаења и искуства релевантни за современото, одговорно и одржливо управување со рударските ресурси. Посебен акцент ќе биде ставен на можноста студентите и идните експерти одблизу да се запознаат со работата на министерството преку практикантска настава.

ФОТО / МЕРМС

Министерството ја препознава академската заедница како суштински партнер во унапредувањето на квалитетот на јавните политики, особено во чувствителни и стратешки сектори како што се рударството и минералните суровини, каде што одлуките мора да бидат темелени на наука, податоци и стручна анализа.

Потпишувањето на овој Меморандум е дел од пошироката стратегија на Министерството за институционално поврзување со високообразовните и научните установи. Досега, Министерството има склучено меморандуми за соработка и со Машинскиот факултет, Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), како и со факултети во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, со цел создавање мрежа на знаење, експертиза и поддршка за развој на секторот.

Со ова, Министерството испраќа јасна порака дека реформите, развојот и стабилноста во енергетиката и рударството се градат со партнерство, знаење и институционална одговорност.

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба