Брисел. 15 јануари 2026 – Според најновите податоци на европската статистичка служба, Евростат, во 2024 година, обновливите извори учествувале со 47,5% во вкупната бруто потрошувачка на електрична енергија во Европската Унија, што претставува раст од 2,1 процентен поен во однос на 2023 година. Во споредба со 2004 година, уделот на обновливата енергија е речиси тројно зголемен, од 15,9% на сегашното ниво.
Најголем дел од електричната енергија од обновливи извори доаѓа од ветерни електрани, кои учествуваат со 38%, и хидроенергија со 26,4%. Следуваат соларната енергија со 23,4%, цврстите биогорива со 5,8% и другите обновливи извори со 6,4%. Соларната енергија бележи најбрз раст, од само 1% во 2008 година, производството пораснало од 7,4 терават-часови на 304 терават-часови во 2024 година.

Австрија, Шведска и Данска се меѓу земјите со највисок удел на електрична енергија од обновливи извори. Во Австрија 90,1% од потрошената електрична енергија е од обновливи извори, главно хидроенергија, во Шведска 88,1% , а во Данска 79,7%, претежно од ветер. Над 50% удел е забележан и во Португалија, Шпанија, Хрватска, Латвија, Финска, Германија, Грција и Холандија.
На спротивниот крај се Малта, Чешка, Луксембург, Унгарија, Кипар и Словачка, каде уделот на електрична енергија од обновливи извори во 2024 година изнесувал под 25%.

Извор: Европска комисија
