По 13 години прекин, нафтоводот Солун–Скопје повторно е ставен во функција и веќе започна со испорака на нафтени деривати, со што се обновува директниот енергетски коридор меѓу Грција и Македонија.
Информацијата ја соопшти извршниот директор на „Helleniq Energy“, Андреас Сиамисис, на настан на компанијата, а ја потврдија и извори од грчката страна. Првата пратка веќе е успешно транспортирана, додека втората се очекува во наредните денови, што го означува почетокот на редовното функционирање на нафтоводот.
Според Сиамисис, нафтоводот претставува значаен вертикален коридор за снабдување со традиционални енергенси, при што главен производ ќе биде дизелот, како најбарано гориво во регионот. Со повторното активирање се олеснува снабдувањето не само на Македонија, туку и на пазарите во Косово, јужна Србија и Бугарија, што, како што беше истакнато, ја зајакнува и регионалната улога на Грција во енергетски и геополитички контекст.
Нафтоводот има годишен капацитет до 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати, меѓу кои дизел, керозин и бензин. Тој беше надвор од употреба од 2013 година, а од 2020 започнаа интензивни активности за негово реактивирање преку координација меѓу засегнатите страни.
Од македонска страна, премиерот Христијан Мицкоски кон крајот на ноември изјави дека се завршени техничките испитувања и тестовите за притисок, како и дека Владата веќе го усвоила ценовникот за користење на продуктоводот. Тој нагласи дека по ставањето во функција, компаниите самостојно ќе одлучуваат дали ќе го користат, врз основа на економската исплатливост.
Со повторното пуштање во употреба, нафтоводот Солун–Скопје се позиционира како побезбеден, поефикасен и поеколошки начин за снабдување со енергенси во поширокиот регион.
Енергетика 24
