Нееднаков глобален раст на зелените работни места, предупредуваат ИРЕНА и МОТ

Абу Даби/Женева. 13 јануари 2026 – И покрај рекордниот раст на инсталациите за обновлива енергија, бројот на вработени во секторот пораснал за само 2,3 отсто во однос на 2023 година и достигнал 16,6 милиони во 2024 година. Ова го покажува најновиот извештај Renewable Energy and Jobs – Annual Review 2025 на Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) и Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Во извештајот се наведува дека геополитичките и геоекономските тензии, како и зголемената автоматизација, сè повеќе влијаат врз пазарот на труд во обновливата енергија. Развојот останува нерамномерен, при што Кина ја задржува водечката улога и во инсталирањето капацитети и во производството на опрема, благодарение на интегрираните и ефикасни синџири на снабдување.

Само во 2024 година, Кина создала околу 7,3 милиони работни места во обновливата енергија, што претставува 44% од вкупниот број во светот. Европската унија останува на 1,8 милиони работни места, исто како и во 2023 година. Бразил има околу 1,4 милиони вработени, додека Индија и САД бележат побавен раст – до 1,3 милиони, односно 1,1 милион работни места.

РЕКЛАМА

„Инсталирањето обновливи извори бележи експанзија, но човечкиот аспект е подеднакво важен како и технолошкиот“, изјави генералниот директор на ИРЕНА, Франческо Ла Камера. Тој нагласи дека владите треба да вложуваат во домашни капацитети, вештини и инклузивна работна сила, како и да ја зајакнат меѓународната соработка за земјите што заостануваат во енергетската транзиција.

Најмногу работни места и понатаму создава соларната фотоволтаика, со 7,3 милиони вработени во 2024 година, од кои 75% се во Азија. Следуваат течните биогорива со 2,6 милиони работни места, хидроенергијата со 2,3 милиони и ветерната енергија со 1,9 милиони.

Извештајот посветува посебно внимание на потребата од поголема инклузија и правичност. Жените и лицата со попреченост и натаму се недоволно застапени во секторот. Генералниот директор на МОТ, Жилбер Ф. Унгбо, истакна дека праведната енергетска транзиција мора да обезбеди еднакви можности, пристапно образование, инклузивно вработување и работни места што ги почитуваат правата и различноста на сите работници.

Ова е 12-то издание на годишниот извештај на ИРЕНА за социо-економските ефекти од транзицијата кон обновлива енергија и петто подготвено во соработка со МОТ, која го изработи поглавјето за вклучување на лицата со попреченост.

Извор: Irena.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба