Хрватска во 2025 година оствари рекордно производство на електрична енергија од обновливи извори, но и покрај тоа остана значително зависна од увоз, покажуваат привремените податоци на Здружението за обновливи извори на енергија на Хрватска (OIEH).
Сончевите и ветерните електрани, како и термоелектраните на обновливи горива, за првпат станаа водечка група технологии во електроенергетскиот систем, со вкупно повеќе од 5 терават-часови (TWh) произведена електрична енергија. Тоа покрива 26,6% од вкупната потрошувачка на струја во Хрватска во 2025 година. Заедно со хидроелектраните, обновливите извори обезбедија 52,6% од вкупната потрошена електрична енергија во земјата.
Вкупната потрошувачка на електрична енергија во 2025 година изнесувала 19.326 гигават-часови (GWh), што е зголемување од 1,01% во однос на 2024 и трет последователен годишен раст. Истовремено, новоизградените капацитети од обновливи извори главно го следат растот на потрошувачката, наместо значително да ја намалат зависноста од фосилни горива и увоз.

„Обновливите извори повеќе не се додаток, туку носечки дел од електроенергетскиот систем. Сепак, растечката потрошувачка и високото ниво на увоз покажуваат дека се потребни побрз развој на нови капацитети и модернизација на мрежата“, изјави директорката на OIEH, Маја Покровац.
Хидроелектраните и натаму се најголема поединечна технологија, но поради неповолни хидролошки услови нивното производство во 2025 година беше намалено за 18,4 проценти и изнесуваше вкупно 5.022 GWh, односно 26% од потрошувачката. Сепак, ветерните, соларните електрани, биомасата и биогасот заедно произведоа рекордни 5.142 GWh, со што првпат на годишно ниво ги надминаа хидроелектраните.
И покрај историски високото домашно производство, Хрватска во 2025 година увезла 3.137 GWh електрична енергија, што претставува 16,2% од вкупната потрошувачка. Увоз имало во 10 од 12 месеци, најмногу во летниот и есенскиот период, главно од Унгарија и Босна и Херцеговина.
Ветерните и соларните електрани бележат најдинамичен раст. Во 2025 година во погон влегоа две нови ветерни електрани, а вкупната инсталирана моќност достигна 1.277 мегавати (MW). Соларните електрани додадоа 417 MW нови капацитети и произведоа 1.127 GWh, речиси двојно повеќе отколку претходната година.
Проекциите за 2026 година покажуваат дека соларната енергија би можела да го надмине ветерот според инсталирана моќност, но понатамошниот развој е ограничен од нерешени регулаторни прашања. Поради тоа, околу 3,5 гигавати проекти од обновливи извори и системи за складирање енергија во моментов се во застој.
Податоците за 2025 година потврдуваат дека обновливите извори станаа доминантен дел од хрватското производство на електрична енергија, но и дека без дополнителни инвестиции и прилагодување на системот, земјата и натаму ќе зависи од увоз за да ја задоволи растечката побарувачка.
Извор: Hrt.hr
