Скопје. 12 јануари 2026 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе одлука за минимално зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, во просек од 0,03% во однос на одлуката од 5 јануари 2026 година. Новите цени ќе важат од 13 јануари 2026 година, од 00:01 часот.
Корекцијата на цените е резултат на благо движење на референтните цени на светските пазари. Притоа, бензините бележат раст од 0,332%, екстра лесното масло од 0,391% , додека цената на дизелот се намалува за 0,317% , а на мазутот за 4,067% . Курсот на денарот во однос на американскиот долар е повисок за 0,7158%.
Нови максимални малопродажни цени од 13 јануари 2026 година:
- ЕУРОСУПЕР БС-95: 70,50 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98: 72,50 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 64,50 денари за литар
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 64,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС: 32,133 денари за килограм
Во однос на претходните цени:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за 0,50 денари по литар.
- Екстра лесното масло (ЕЛ-1) поскапува за 0,50 денари по литар.
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) останува со непроменета цена.
- Мазутот М-1 НС поевтинува за 0,668 денари по килограм.
Од РКЕ потсетуваат дека станува збор за максимални малопродажни цени и дека трговците со нафтени деривати имаат можност да ги нудат горивата и по пониски цени.
Извор: РКЕ
