Абу Даби. 12 јануари 2026 – Обновливата енергија стана доминантна сила во глобалниот енергетски сектор и претставува најисплатливо, најотпорно и најбезбедно решение за идниот развој, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), Франческо Ла Камера, на отворањето на 16. Собрание на Агенцијата во Абу Даби.
На настанот учествуваат претставници од 139 држави и Европската Унија, меѓу кои 45 министри, како и вкупно 1.524 учесници од јавниот и приватниот сектор, што претставува рекордна посетеност. Ла Камера оцени дека ваквото присуство е силен сигнал за поддршка на мултилатерализмот во услови на глобални кризи и растечки геополитички и економски тензии.
Тој посочи дека светот се соочува со преклопени кризи, климатски промени, губење на биодиверзитетот и загадување, кои ја доведуваат во прашање одржливоста на сегашниот модел на развој. Според него, енергетскиот систем веќе се трансформира од централизирана, фосилна структура кон децентрализиран систем базиран на обновливи извори, вклучително и зелен водород.
„Минатата година 92% од новоинсталираните капацитети за производство на електрична енергија беа од обновливи извори. Оваа година се очекува нов рекорд со околу 700 гигавати нови капацитети“, изјави Ла Камера, додавајќи дека обновливите извори веќе ги надминуваат фосилните горива по цена, стабилност и отпорност.
Тој нагласи дека инвестициите во обновливи извори и складирање на енергија наскоро ќе бидат поекономични од одржувањето на постојните термоелектрани на јаглен. Според анализите на ИРЕНА, обновливата енергија не е само климатско решение, туку и клуч за индустриска конкурентност, економски раст и енергетска безбедност.
Ла Камера истакна дека меѓународната соработка и пристапот до нискобуџетно финансирање се од суштинско значење за забрзување на енергетската транзиција, особено преку стабилни политики и механизми за намалување на ризикот.
Тој предупреди дека напредокот во енергетската ефикасност заостанува и дека без драматична промена на сегашниот курс, целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови ќе стане недостижна. Ова прашање, најави тој, ќе биде во фокусот на извештаите на ИРЕНА за 2026 година и на подготовките за COP31.
Годинешното Собрание се одржува под мотото „Енергија за човештвото: обновлива енергија за заеднички просперитет“. Според Ла Камера, успехот на енергетската транзиција нема да се мери само во мегавати, туку во подобрените животи и можностите што таа ќе ги создаде за луѓето ширум светот.
Извор: IRENA.org
