Вучиќ: Србија подготви пакет за НИС ако пропаднат преговорите со МОЛ

Белград. 8 јануари 2026 – Србија има подготвен сопствен план за Нафтната индустрија на Србија (НИС) доколку пропаднат преговорите со унгарската компанија МОЛ за откуп на рускиот мнозински удел, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Во интервју за телевизијата Информер, Вучиќ изрази надеж дека ќе биде постигнат договор со МОЛ и дека државната интервенција нема да биде неопходна. Сепак, тој нагласи дека Србија е подготвена да реагира од 15 јануари, без да открие детали за подготвениот пакет мерки.

НИС од октомври е под американски санкции поради мнозинското руско сопствеништво, во рамки на напорите на САД да ги ограничат приходите на Русија од енергетскиот сектор поврзани со војната во Украина.

РЕКЛАМА

Од МОЛ претходно соопштија дека ги разгледуваат сите опции кои би овозможиле дополнително зајакнување на безбедноста на снабдувањето со енергенси во регионот, оценувајќи ја Србија како важен пазар. Компанијата, сепак, не одговори конкретно дали размислува за преземање на рускиот удел во НИС. Делегација на МОЛ од 5 јануари ги посетува рафинеријата во Панчево и другите клучни капацитети на НИС.

Вучиќ повтори дека Србија во наредниот период ќе се обиде да купи најмалку уште пет проценти од акциите на НИС, со што државниот удел би достигнал 34%. Според него, тоа би ѝ овозможило на државата поголем увид и влијание врз работењето на компанијата, вклучително и финансиското управување. Во моментов, Србија поседува 29,87% од акциите во НИС.

Претседателот се осврна и на економските показатели, наведувајќи дека во 2025 година во Србија пристигнале нешто повеќе од 3,5 милијарди евра странски директни инвестиции, што е помалку во однос на 2024 година. Како причини ги посочи блокадите во земјата и прекинот на работата на рафинеријата во Панчево.

Според проценките, годишниот раст на бруто-домашниот производ изнесува 2,1% , што е значително под првично проектираните четири отсто, заклучи Вучиќ.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба