Србија е еден од корисниците на ЛНГ-терминалот во Александрoполис и со голема сигурност ќе транспортира течен природен гас преку Грција, изјави потпретседателот и генерален директор на грчката компанија „Гастрејд“, Константинос Сифнеос, во интервју за српскиот дневен весник Политика.
Сифнеос оцени дека земјите од Западен Балкан сè уште не се доволно подготвени за иднината со течен природен гас (ЛНГ), но дека Србија се издвојува како најподготвена меѓу нив. Како клучна предност тој го посочи фактот дека Србија во моментов се снабдува со гас преку „Турски тек“, односно „Балкански тек“, гасоводи со голем капацитет.
„Доколку овој капацитет може да се користи и за други извори, а не исклучиво за руски гас, тогаш Србија е во многу силна позиција“, истакна Сифнеос. Тој додаде дека постои и интерконектор со Бугарија, кој засега е ограничен на српска територија поради локални мрежни тесни грла, но изрази уверување дека тие пречки може да се надминат. „На тој начин, побарувачката на Србија лесно може да се задоволи преку алтернативен извор“, нагласи тој.
Според Сифнеос, дополнителен потенцијал носат и новите регионални поврзувања, интерконекторот меѓу Грција и Македонија, кој е во изградба, како и плановите за поврзување меѓу Македонија и Србија. Овие проекти, според него, значително ќе ја зајакнат енергетската безбедност и флексибилноста на регионот.
Тој оцени дека Србија во моментов располага со две гасни рути, една целосно искористена и една која лесно може да се активира, како и со потенцијална јужна рута што би можела да прерасне во важна интерконекција во иднина. „Ако гледаме неколку години однапред, Србија ќе има повеќе различни правци, не само за снабдување на сопствениот пазар, туку и за зајакнување на својата улога како регионално енергетско чвориште“, рече Сифнеос.
Во тој контекст, тој ја истакна и улогата на Србија како клучна транзитна земја за Унгарија. „Со оглед на ограничувањата што Унгарија ги има во однос на Романија и одредени проблеми со Хрватска, Србија може да одигра важна транзитна улога, целосно или делумно“, заклучи генералниот директор на „Гастрејд“.
Извор: Politika.rs
