BYD ја симна Tesla од врвот на глобалниот пазар на електрични возила

Блумберг – Американскиот производител Tesla Inc. ја загуби позицијата на најголем светски продавач на електрични автомобили, откако кинеската BYD Co. ја презеде водечката улога благодарение на континуираниот раст на продажбата и засиленото присуство на клучните светски пазари.

Tesla пријави пад од 16% на испораките во четвртиот квартал, што беше под очекувањата на аналитичарите. На годишно ниво, продажбата се намали за речиси 9%, што претставува втор последователен годишен пад за компанијата. Во исто време, BYD ја зголеми продажбата и на квартално и на годишно ниво, испорачувајќи речиси 2,26 милиони целосно електрични возила во 2025 година, наспроти 1,64 милиони на Tesla.

Иако Tesla го изгуби приматот што го изгради во изминатата деценија како пионер во популаризацијата на електричните возила, инвеститорите засега не реагираат бурно. Причината е стратешкиот фокус на извршниот директор Илон Маск, кој сè повеќе ја пренасочува компанијата кон вештачка интелигенција, автономно возење и развој на хуманоидни роботи. Маск активно промовира напредок во воспоставувањето роботакси услуга, со што вниманието се оддалечува од основниот автомобилски бизнис.

РЕКЛАМА

Овој стратешки пресврт станува особено значаен во пресрет на 2026 година, имајќи ја предвид послабата побарувачка за електрични возила во САД – најголемиот пазар на Tesla. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги укина федералните стимулации за купување електрични автомобили и ги ослаби регулативите за потрошувачка на гориво и емисии, кои претходно ѝ донесоа милијарди долари приходи на компанијата.

„Испораките веќе речиси и не се клучен фактор“, оцени аналитичарот Александер Потер, додавајќи дека движењето на акциите на Tesla во 2026 година ќе зависи пред сè од напредокот во вештачката интелигенција и роботиката.

На Волстрит веќе подолго време се очекуваше пад по завршувањето на даночните олеснувања за електрични возила во САД. Аналитичарите сè повеќе сметаат дека вреднувањето на Tesla е речиси целосно поврзано со трансформацијата кон примена на вештачка интелигенција во реалниот свет.

Акциите на Tesla во петокот паднаа за 2,8%, иако на годишно ниво пораснаа за 11%, откако во средината на декември достигнаа рекордно високо ниво.

BYD ја зацврсти предноста откако во 2024 година за малку не ја надмина Tesla на годишно ниво. Компанијата продава значително повеќе возила во Кина, каде што дел од моделите се значително поевтини од најдостапниот модел на Tesla – Model 3. Истовремено, кинескиот производител бележи силен раст и во Европа.

Во првите 11 месеци од минатата година, BYD регистрираше повеќе автомобили од Tesla во Германија и во Обединетото Кралство – двата најголеми европски пазари за електрични возила. Продажбата на Tesla во Европа во истиот период падна за 28%, со особено силни падови во декември во Франција, Шпанија и Шведска.

Скепсата околу продажните перспективи на Tesla во 2026 година расте. Пред две години, аналитичарите прогнозираа испораки од над 3 милиони возила, но просечната проценка сега е намалена на околу 1,8 милиони.

За разлика од автомобилскиот сегмент, бизнисот на Tesla со батерии за складирање енергија бележи рекордни резултати. Во последниот квартал беа инсталирани 14,2 гигават-часови, наспроти 11 гигават-часови една година претходно. Вкупните годишни инсталации пораснаа за речиси 50%, достигнувајќи 46,7 гигават-часови, поттикнати од растечката побарувачка за електрична енергија од дата-центри и стабилизација на електричните мрежи.

На крајот од годината, Tesla создаде дополнителни очекувања околу моделот Cybercab, компактен двосед со „пеперутка“ врати. Иако прототипите досега беа прикажани без волан и педали, претседателката на управниот одбор Робин Денхолм изјави дека возилото ќе ги содржи овие компоненти доколку тоа го наложат регулаторите.

Tesla веќе започна ограничени тестирања на автономно возење со Model Y во Остин и во областа на заливот Сан Франциско, но услугата сè уште се спроведува со безбедносни надзорници во возилата.

И покрај предизвиците и зголемената конкуренција, Илон Маск останува оптимист за развојот на компанијата во периодот што следи.

Извор: Bloomberg.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба