Обновливата енергетска индустрија во САД влегува во 2026 година во значително поинакви услови од оние што ги очекуваше пред само неколку години. Најновиот извештај „2026 Renewable Energy Industry Outlook“ на една од најголемите и највлијателни глобални консултантски и ревизорски компании во светот Deloitte јасно укажува дека секторот се соочува со комбинација од политички притисоци, трговски ограничувања и повисоки трошоци, но и дека, и покрај сè, обновливите извори остануваат клучниот двигател на новиот енергетски капацитет.
Според Deloitte, 2025 година била особено предизвикувачка за ветерната и соларната енергија во САД. Новиот даночен закон, познат како „One Big Beautiful Bill Act“, значително ги скратил роковите за користење даночни олеснувања и вовел построги правила за потеклото на опремата, особено насочени кон добавувачи поврзани со Кина, Русија, Иран и Северна Кореја.
Овие промени веднаш се одразиле врз инвестициите. Во првата половина од 2025 година, вложувањата во ветерни и соларни проекти паднале за 18%, на околу 35 милијарди американски долари. Сепак, и покрај падот на инвестициите, обновливите извори останале доминантни: до септември 2025 година, тие учествувале со дури 93% од вкупно додадените енергетски капацитети во САД, при што соларната енергија и батериското складирање имале најголем удел.
Извештајот оценува дека 2026 година ќе биде обележана со „трка со времето“. Инвеститорите и развивачите на проекти ќе се обидат да ги започнат проектите што е можно побрзо за да ги искористат таканаречените „safe-harbor“ одредби, со кои можат да ги задржат даночните кредити и покрај новите ограничувања.
Истовремено, Deloitte предупредува дека новите правила за набавка на опрема и зголемените царини дополнително ќе ги притиснат синџирите на снабдување. Особено чувствителни се батериите, соларните ќелии и критичните минерали, каде САД и понатаму се силно зависни од увоз.
Еден од најсилните заклучоци во извештајот е дека батериското складирање се наметнува како централна алка во енергетската транзиција. Побарувачката за „чиста, сигурна и постојана“ електрична енергија, предводена од технолошките гиганти и дата-центрите, ја забрзува изградбата на соларни централи комбинирани со складирање.
До октомври 2025 година, оперативниот капацитет за складирање во САД достигнал 37,4 гигавати, а во изградба се уште десетици гигавати. Deloitte оценува дека токму овие хибридни проекти – солар плус складирање – ќе бидат меѓу најатрактивните инвестиции и во 2026 година.
Под притисок на пократките рокови и поскапите проекти, компаниите во секторот се свртуваат кон поголема оперативна и капитална дисциплина. Извештајот нагласува дека дигиталните алатки и вештачката интелигенција стануваат неопходни, а не луксуз, од предвидливо одржување и оптимизација на производството, до подобро управување со ризиците и трошоците.
Според Deloitte, дури 76% од енергетските директори во САД планираат да ги зголемат инвестициите во AI и дигитализација, со цел да ја зголемат продуктивноста и да ги стабилизираат приходите.
Во извештајот се наведува и тоа дека, иако вкупната вредност на трансакциите во обновливата енергија во 2025 година опаднала, интересот за стратешки спојувања и преземања останува силен. Инвеститорите сè повеќе ги преферираат веќе развиените платформи и оперативните проекти со долгорочни договори за откуп на електрична енергија, наместо ризични проекти во рана фаза.
Овој тренд, според Deloitte, ќе продолжи и во 2026 година, при што капиталот постепено ќе се пренасочува од „лов на даночни кредити“ кон проекти со долгорочна конкурентност и стабилни приходи.
Главната порака на „2026 Renewable Energy Industry Outlook“ е дека обновливата енергија не запира, туку се прилагодува. Иако политичките и трговските услови се потешки, секторот покажува способност за брза адаптација – преку забрзана изградба, диверзификација на снабдувањето, поголема ефикасност и стратешки партнерства.
За Deloitte, 2026 година нема да биде година на експлозивен раст, туку година на консолидација и издржливост. Компаниите што ќе успеат да ја балансираат брзината со отпорноста, заклучува извештајот, ќе бидат тие што ќе ја обликуваат енергетската транзиција во годините по 2030.
Извор: Deloitte.com
